Дваесет и првото издание на традиционалниот OFFest ќе се одржи од 1 до 4 јуни во Националната опера и балет и МКЦ. Фестивалот годинава го сочинуваат осум концертни настапи и еден документарен филм. ОФФ-Фест 2022 ќе го отвори извонредниот македонски етно состав ПЕРИЈА, како и маестралниот тандем на две наши исклучителни творечки фигури ДОБРИЛА & ДОРИАН ДУО, со домашна концертна премиера на музичкото ремек-дело, албумот „Апокриф“ (SJF Records). Мајсторството во изведбата на африканската кора што ќе го сподели виртуозниот инструменталист БАЛАКЕ СИСОКО од Мали, во комбинација со рафинираниот пост-тропикализмичен и боса-нова звук на триото на бразилскиот гитарист, пејач, композитор и продуцент ЛУКАС САНТАНА, создаваат услови за беспрекорно концертно доживување.
Фасцинантниот електро-психоделичен музички огномет на колумбиските тропски велемајстори ЛОС ПИРАЊАС е еднакво погоден за слушање и за танцување. Величенствената моќ и уникатната разновидност на италијанската пејачка ѕвезда МАРИЈА МАЦОТА ќе ја пресретне волшебната интерпретација на националниот музички стил на Зелено’ртските острови (Кабо Верде), популарната „морна“, од страна на една од најреномираните уметници што го истражуваат и чуваат ова огромно музичко наследство – НЕНСИ ВИЕИРА. ОФФ-Фест 2022 ќе го заклучи експлозивниот и фуриозен хајлајф фанк на многучлениот афробит колектив САНТРОФИ од Гана. Во рамките на фестивалската програма ќе биде прикажан и документарниот филм “The Rumba Kings”, посветен на конгоанската румба.
ПЕРИЈА е бенд формиран во 2015 година. Своите почетоци ги имаше на улица како импровизирана сцена. Членовите се менуваат низ текот на годините, а бендот останува отворен за конекции и соработки. Перија е македонски збор со турско потекло што значи самовила. Токму таа митолошка врска со темнината на балканските шуми е чувството коешто се обидуваат да го пренесат во својата музика. Идејата е комбинирање на нивните музички влијанија и создавање на фузија: обработување на стари, речиси заборавени песни (некои од нив собирани од пријатели кои патуваат по селата и ги снимаат, а некои најдени во многу стари снимки), со сопствена оригинална авторска музика и аранжмани. Бендот во својот вокален израз употребува различни јазици од Балканот и пошироко, бидејќи веруваат во еднаквоста на културите. Нивните музички влијанија варираат од модерната класична музика, атоналната, пост-панк, рок, метал, психоделичниот транс, па сè до традиционалната музика на Балканот, Блискиот Исток и Северна Африка. Комбинираат западни и источни техники на свирење: музички скали што се користат во традиционалната музика на Балканот, комплицирани макамски скали, па дури и одредени раги од истокот, непарни ритми од Балканот итн. Имаат објавено два студиски албуми и две EP изданија.
Добрила и Дориан ја започнуваат својата соработка уште во 2008 година во Чалгија саунд систем кој до денес е еден од оние бендови што ја негува традиционалната чалгиска музика, но и креира нова, современа музика базирана врз традицоналната чалгија. Нивната заедничка музичка авантура во форма на дуо започнува во 2020 година создавајќи го проектот DOBRILA & DORIAN DUO и првиот заеднички албум наречен „Апокриф“ (SJF Records, 2021), кој уште при самото негово појавување е оценет како ремек-дело. Во него се наоѓаат неколку од најубавите македонски традиционални песни: „Излези, Видо“, „Три години стана“, „Невесто, тенка, висока“, но овојпат со комплетно нов пристап и уникатен „електронски“ поглед кон македонската музика кој ја носи во една поинаква димензија. Сега, наместо познатиот инструментариум на поголемите ансамбли, се слуша само утот, луповите, тишината, импровизациите и раскошната убавина на мелодиите. За привлечноста на овој нов музички изблик уште на самиот почеток на неговото живеење ќе речат: „Смел, искрен и до нота маестрално изведен проект, кој ако го пуштите еднаш, како спирала ќе ве подигне нагоре и по секое пуштање си велите ај, пак!“.
Еден од најзначајните современи мајстори на инструментот кора, БАЛАКЕ СИСОКО е музичар од Мали, познат по своите инструментални иновации и бројни соработки вон западноафриканската музика. Меѓународниот подем го постигна заедно со кора гуруто Тумани Диабате, на албумот „New Ancient Strings“ (1999), првиот инструментален кора албум во светот. Сисоко започнал да се занимава со музика на млада возраст. Во 1981 година, уште во раните тинејџерски години, по смртта на татко му Џелимади, тој го зазема неговото место во Ensemble Instrumental National du Mali. Една од карактеристиките на неговата музичка визија е тоа што тој стана сериски кроскултурен соработник, секогаш подготвен да го имплементира звукот на кората во нови и различни контексти. Тоа започна со раскошен сет дуети на пијано и кора со италијанскиот композитор Лудовико Еинауди, а потоа следеше неговата соработка со ирскиот мултиинструменталист Рос Дејли. Настапувал или снимал музика со Рокиа Траоре, Таџ Махал, триото 3MA (со Ел Малуми и Раџери) и Салиф Кеита, меѓу другите. Веројатно најзабележителната негова авантура е тандемот со францускиот виолончелист Винсент Сегал, со кого сними два извонредни албуми на кора и виолончело дуети. Балаке е рангиран само позади неговиот роднина Тумани Диабате како најистакнат светски кора маестро.
Долго пред неговиот 30-ти роденден, бразилскиот вундеркинд ЛУКАС САНТАНА, крстосувајќи го светот со најголемите имиња на бразилската Тропикалија, веќе имаше апсорбирано огромно количество музика, недостижно за повеќето професионалци во текот целиот свој живот. Младиот талент од Баија беше откриен во своите рани дваесетти години од страна на бразилските „супертешкаши“ Жилберто Жил и Каетано Велосо. Во текот на својата повеќе од две децении долга кариера, тој издаде 8 одлични албуми, а компонираше музика и за неколку MPB ѕвезди, како Фернанда Абреу, Мариса Монте и Даниела Меркјури, прераснувајќи во еден од најжешките музички феномени јужно од Екваторот. Денес, пејачот, композиторот, продуцентот и движечката сила на бразилскиот нов бран се враќа кон корените на бразилската гитарска традиција од 1950-тите за да испорача еден пост-тропикализмичен електро-акустичен поп албум со теми што го третираат подемот на реакционерната политика и нејзиното опасно игнорирање на човековите права и животната средина. Сантана бира интимна поставка за својата потрага по светлина во овие мрачни времиња. Како што вели: „живееме во време во кое сите зборуваат гласно. Мислам дека дојде време за шепот во ушите на луѓето“.
LOS PIRAÑAS се инструментална супергрупа од Колумбија во која учествуваат три музички визионери од Богота: Еблис Алварез (Meridian Brothers, Chúpame el dedo), Марио Галеано (Frente Cumbiero, Ondatropica) и Педро Охеда (Romperayo, Sidestepper). Обединувајќи ги експерименталните можности на ритмите и звуците од Јужна Америка (кумбија, чампета, тропикалија, салса и други) со авант психо-рокот, даб минимализмот и „бодликавиот“ џез, Los Pirañas е ретро-футуризам од најдобар вид. Сите овие стилови тие ги комбинираат во рок манир, со бучни импровизации и апсурден музички хумор. Замисли го Captain Beefheart во егзотично расположение. Или можеби Карлос Сантана во млади години на LSD. Сосема лудо, но во исто време исклучително пријатно и погодно за танц и уживање. Интензивните европски турнеи им донесоа настап на некои од најголемите и најзначајните фестивали, како данскиот Roskilde (2016) каде што изместија толпа од 10.000 луѓе, португалскиот FMM во Синеш (2016), холандскиот Best Kept Secret (2018) и многу други.
Уникатната сестраност на МАРИЈА МАЦОТА е клучната состојка што ја прави една од најзначајните појави на музичката сцена во регионот Апулија во Италија. Таа се движи природно, со беспрекорна леснотија, меѓу звуците на Јужна Италија и влијанијата на балканската музика, освојувајќи ја публиката со нејзината искрена интерпретација што нурнува длабоко во културите на изведуваните композиции. Покрај членувањето во култните Canzoniere Grecanico Salentino (од 2000 до 2015 година), бенд со кој сними 6 албуми, Марија Мацота може да се пофали со бројни соработки со истакнати светски музички уметници како: Боби Мекферин, Ибрахим Малуф, Рита Маркотули, Балаке Сисоко, Пиерс Фачини, Џастин Адамс и Џулде Камара, Реди Хаса, Рој Пачи и други. Во текот на нејзината кариера, таа настапи на некои од најважните меѓународни „world music“ фестивали: Womad (Австралија, Нов Зеланд, Велика Британија), GlobalFest (Њујорк), South by Southwest (Тексас), Rainforest (Малезија), TarabTanger (Мароко), Soglie (Саудиска Арабија), Womex (Солун и Порто), Babel Med Music и Les Suds a Arles (Франција) итн. На OFFest, Марија Мацота ќе го претстави својот последен албум “Amoreamaro”, во дует со хармоникашот Антонино Де Лука.
НЕНСИ ВИЕИРА е една од најреномираните уметници што го истражуваат огромното музичко наследство на Зеленортските Острови (Кабо Верде), поточно нивната „морна“, национален музички стил којшто неодамна беше прогласен од УНЕСКО како нематеријално наследство на човештвото. А на сцената, таа е една од најсилните чувари на ова наследство, претставувајќи го низ целиот свет. Нејзината музика, која зборува за патувањата и морето, за копнежот и далечината, опстојува на различни фреквенции, нешто што секогаш им дава посебна динамика на нејзините концерти, на кои таа секогаш претставува „морни“, „фунани“, „коладери“ и звук што се шири низ океанот и светот. Виеира, која живее во Португалија, го имаше своето деби во 1995, но првпат го привлече вниманието во 1999, кога се појави на компилацијата „Musica de Intervenção Cabo-Verdiana“ (Интервентна музика од Зеленортските Острови), пеејќи заедно со легендарниот Илдо Лобо. Таа потоа ги објави албумите „Segred“ (Praça Nova, 2004), „Lus“ (Harmonia Mundi/World Village, 2007), „Pássaro Cego“ со Мануел Пауло (Arthouse, 2009) и „Nô Amá“ (Lusafrica, 2012), а во 2018 го објави многу фалениот „Manhã Florida“ (Lusafrica). Во моментов, Ненси подготвува нов албум, што значи нејзиниот извонреден репертоар ќе биде збогатен со нови песни.
Дури и без издаден албум, SANTROFI веќе го потпалија светот полудувајќи ја публиката низ цела Европа со својата летна турнеја во 2019-та, вклучувајќи ги фестивалите Sines (Португалија), WOMAD (Велика Британија), Roskilde (Данска) и WOMEX (Финска). На овој млад деветчлен олстар бенд од Гана не му недостигаат талентирани музичари и енергија на сцената. Нивниот деби-албум “Alewa” испорачува – директно од улиците на Акра – нов бран свеж highlife звук вкоренет во минатото но со поглед кон иднината. Групата, формиранa од басистот и продуцент Емануел Офори, кој „се хранеше од изворот“ настапувајќи со Ебо Тејлор и Пет Томас, е длабоко инспирирана од highlife музиката на Гана во сите нејзини облици. Влијанијата се движат од возбудливиот, динамичен, гитарски, денс-ориентиран highlife од 70-тите, преку различните етно форми на highlife фанкот, па сè до полиритмичните битови и мелодии со кои популарниот afrobeat го инфицираше целиот свет. На сцената, тие ја уриваат секоја можност за хиерархија: музичарите ги менуваат своите улоги, растејќи со развивање на талентот на другиот и усогласувајќи се како целина. Заедно, тие имаат моќ да збришат сè пред себе. А ова е само почеток.
Документарниот филм THE RUMBA KINGS ја воспева епската потрага по конгоанската румба. Тоа е музиката што му помогна на Конго да се бори против колонијалното угнетување, да се ослободи и да создаде нов идентитет. Во 1950-тите, кога Демократска Република Конго беше белгиска колонија, цела една генерација тамошни музичари ги спои традиционалните африкански ритми со афро-кубанската музика, создавајќи го возбудливиот бит на конгоанската румба. Звук што ќе го доведе Конго до неговата независност и ќе го вооодушеви целиот африкански континент со својот заразен грув, хипнотизирачки гитари и пријатни вокали. Овој филм содржи музика од Franco Luambo & OK Jazz, Grand Kallé & African Jazz и Docteur Nico & African Fiesta Sukisa. The Rumba Kings не е само музичко патување, туку и емотивно искуство за тоа како музиката може да ги урне бариерите, да ги залечи раните и да донесе надеж.