Томислав Османли на 29. книжевен фестивал „Виленица“ во Словенија

Од:

Македонскиот писател Томислав Османли ќе учествува на годинашниот 29. интернационален книжевен фестивал „Виленица“, што ќе се одржува од 3 до 7 септември во Словенија.

„Виленица“ е европски афирмиран собир на прозаисти, поети, драматичари, но и на есеисти, издавачи, менаџери во културата и преведувачи. Литературната манифестација се организира од 1986 година, а се одржува во Виленица, близу до Копер. Како и останатите учесници, и Османли бил поканет од главниот организатор, Словенечкото друштво на писатели.

На 29. фестивал „Виленица“ предвидени се повеќе настани, претставувања на книги, тркалезни маси, симпозиуми. Меѓу најзначајните се сметаат книжевните читања кои се случуваат на различни места низ Словенија. Авторите пред публиката ќе читаат делови од своите книжевни дела, кои се преведуваат на словенечки, а со преводи на англиски и словенечки јазик се објавуваат и во „Виленичкиот алманах“.

На литературното матине што ќе се одржи во градот Штањел, Томислав Османли на македонски ќе го чита својот расказ „Базен“, дел од книгата раскази и новели „Светилка за Ханука“ која постигна бројни меѓународни афирмации. Во текот на читањето, на посебен панел ќе се проектира преводот на тој текст на словенечки, како и на англиски. Нашиот автор ќе настапи заедно со Алек Попов, Димитра Ксидус, Нико Хелмингер и Јоана Павлеску.

Книжевното матине во Штањел е еден од средишните настани на фестивалот, со оглед на тоа дека се доделува наградата „Виленички Кристал“. Оваа награда, на еден од учесниците-автори од Средна Европа кои се појавуваат во „Виленичкиот алманах“ и на фестивалот, му ја доделува повеќечлено меѓународно жири.

Би можело да ве интересира

Изложба на кинеска калиграфија отворена во Велес

Во Прилеп завршува МТФ „Војдан Чернодрински“

Двоен „Златен був“ за „Прозаични стихови“ на Али Асгари и Алиреза Катами на 14. Филозофски филмски фестивал

Фестивалот „Преку езерото“ отвора Конкурс за дипломски краткометражен игран или документарен/експериментален филм

Во Кавадарци промовирана книгата „Татков праг“ од Данче Христова Младенова

Од 16 награди на светскиот фестивал во Јесоло -6 за Скопското училиште Кузман

Предраг Петровиќ