На 30 март, сцената на Македонската филхармонија ќе биде исполнета со звуците на Госпел и современата духовна музика, во изведба на Stefani & The Upper Room. Овој концерт не е само музичко искуство – тој е патување низ жанровите на џез, соул, R&B и поп, испреплетени со силна порака на вера и инспирација. Водена од својот неуморен ентузијазам и долгогодишно искуство, Стефани Барбутова заедно со својот интернационален и локален состав, ќе ѝ понуди на публиката уникатно музичко доживување.
Како започна оваа музичка приказна и што може да очекуваме од концертот? – прочитајте во продолжение.
1. Која е Стефани Барбутова?
Родена сум во Струмица, порасната во христијанско семејство, и цел живот ја слушав и пеев Госпел и современата христјанска музика. Мојот единствен сон како мала беше да бидам музичар, па сите чекори во образовaние и пракса водеа кон тоа. Бев дел од ТОРА бенд (бенд за современа христијанска музика) повеќе од 10 години, а скоро 20 години сум активна како водечки вокал и на пијано во овој жанр на музика во локални црквени заедници, настани, концерти и конференции. Уште од мои тинејџерски години се одлучив да се вложувам во Госпел музиката, и поради пораката која ја носи, исто така сум и дипломиран теолог бидејќи верувам дека за добра и квалитена Госпел музика потребна е кохезија од музика и теологија.
2. Зошто Госпел музика?
Како што веќе спомнав, пораката која оваа музика ја носи (Госпел во превод значи Евангелие), е израз на мојата вера во Господ. Но, Госпел музиката исто така е многу богат музички жанр кој опфаќа широк спектар на жанрови, како џез, соул, фанк, R&B, поп и повеќе од тоа. Исто така, Госпел музиката носи порака на надеж, и верба во нешто поголемо од нас. Интересен факт за Госпел музиката е што всушност произлегува од мачни и тешки времиња, од робовите на плантажите во 17ти век. Но, наместо песна страдалничка, произлегува песна на радост и надеж, и поради тоа мислам дека госпел музиката има посебно место во музичкиот свет.
Исто така не би сакала да го изоставам податокот дека повеќето успешни артисти и пејачи во музичката историја почнале со госпел музика.
3. Од каде називот The Upper Room?
Називот „The Upper Room„ (во превод ‘Горна Соба’) е инспириран од извадок од Билбијата. Во книгата Дела Апостолски 2 поглавје, опишана е случката после Христовото вознесение, каде во Горната Соба се спушта Светиот Дух и ги исполнува и просветлува сите во собата, проследено со огнени јазици над нивните глави. Денес овој ден го празнуваме како Духов Ден. Па на сличен начин, верувам дека пораката на Госпел музиката и денес може да донесе едно искуство од ‘Горната Соба’.
4. Од каде доаѓа бендот?
Приказната за составот на бендот е мошне интересна, бидејќи бендот се состои од интернационални и локални членови. Накратко, првичната клучна средба беше пред три години со реномираниот тапанар Фредерик Грифит од Барбадос, каде при првата средба сфативме дека нашата соработка ќе продолжи. Оттаму преку заендички познанства, се поврзавме со врвни музичари од Лондон и Барбадос, а дел од нив беа дел од бендот и на првиот концерт на ‘The Upper Room’ кој се одржа минатата година во Февруари во Станица 26.
Секако, дел од визијата ми беше да имам и локални музичари, така што нѐ има и од Македонија и Хрватска.
5. Каде и кога е Stefani & The Upper Room, и што да очекуваме после концертот?
Оваа година концертот ќе се одржи на 30ти Март во 19:00 часот во Филхармонија.
Покрај бендот, исто така основав и локален госпел хор „The Upper Room госпел хор„ кој додатно ќе ни го збогати концертот, а секако ќе имаме и локални вокали.
Репертоарот на концертот ќе биде разновиден, ќе има по традиционални песни, но и современи и модерни песни со истата порака.
Картите за концертот се достапни на karti.com.mk или на нивните продажни места низ Македонија.
После овој концерт, сакаме да останеме поврзани со публиката, и секој може да ги следи нашите активности на Instagram @theupperroom.mk.
Во тек е подготовката на FA Production студио, каде заедно со моите колеги Фредерик и Абигаил Грифит ќе имаме можност да создаваме музика, но и да соработуваме со локални музичари и артисти, бидејќи визијата е студиото да нуди голем спектар на музички услуги, вклучувајќи место за проби и настани за бендови.
Stefani & The Upper Room концертот ќе се одржува секоја година во месец Март, па ќе ја очекуваме публиката повторно да ни се приклучи и наредна година.