Спуштена завесата на 13. Фестивал на античка драма „Стоби“

Од:

Со прогласување на најдобрите и доделување на наградите доцна синоќа на сцената на амфитеатарот во Стоби заврши 13. Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“.

Според жири комисијата на фестивалот во состав Драган Спасов-Дац претседател и Кети Борисовска и Венко Серафимовски членови, трите од четирите награди на фестивалот за најдобар актер и актерка ги добија членовите од Театарот Комедија од Скопје Жарко Димовски и Нина Деан за улогите во претставата „Многу врева за ништо“ од Вилијам Шекспир, а за режија за истоименат претстава режисерот Дејан Пројковски.

Спасов истакна дека наградата на Димовски за улогата на Клаудио му се доделува заради различните амплитуди, преку кои ликот градира и се трансформира со што ја воодушевил публиката.

– Токму на таа оска се потенцира талентот на актерот, кој за потребите на претставата преку еден концентриран израз, полн со жива енергија, гради многуслоен херој на сцената. Преку танцот, пеењето и јасниот емоционален израз гледачот добива чувство за ретко комплетен актер од младата генерација актери на македонската театарска сцена, појасни Спасов.

Наградата за најдобра актерка Нина Деан ја доби за изведбата на улогата на Бетрич.

– Нина Деан, актер кој со голема точност, енергичност, концентрираност и посветеност, ја носи на сцената улогата на Беатриче. Многуслојноста на ликот, кој Нина Деан на автентичен начин го носи на сцената, од друга страна, мошне јасно остава чувство на восхит со кој гледачот го напушта театарскиот простор, рече Спасов.

За режијата на Пројковски за претставата „Многу врева за ништо“, од жирито посочуваат дека импресионира со својата визија, оригиналниот приод пришто не користи занаетски шаблони.

Гран при за најдобра претстава на 13. ИФАД „Стоби“ ја понесе претставата „Медеа“ на Музичкиот и театарски центар Ајгил Иманбаева од Казахстан.

– Целосна театарска претстава, уметнички чин од највисок ранг кој зборува на универзалниот јазик на емоциите и состојбите, донесен пред публиката преку многу јасна симболика, со уникатна режисерска естетика и актерка, која на сцената создава експлозија од состојби и дејства, кои удираат врз публиката подеднакво силно како и морето од крв врз кое се случува „Медеа“. Татарски настан пар екселанс, претстава со неверојатен внатрешен живот, „Медеа“ во вистинска смисла на значењето, потенцираше Спасов.

Во нивно отсуство наградата ќе биде испратена до театарот во Казахстан, информира Драган Спасов Дац.

Во изјавата за медиумите Нина Деан потенцира дека како млада актерка наградата ја чувствува како нешто преголемо за неа и многу и значи.

– Станува збор за лик, кој е многу тежок и иако е комедија носи сериозност бидејќи е комплексно напишан. Затоа наградата уште повеќе ми значи, потенцира Деан на која оваа и е трета награда во кариерата.

На актерот Димовски, кој досега остварил 23 актерски улоги ова е негова прва актерска награда и затоа, рече, е посебно горд на неа.

– Ова е големо признание за мене и затоа што е прво и многу слатко искуство и затоа им посакувам на сите мои колеги да го почувствуваат, потенцира Димовски.

Тој воедно со неа очекува и понатамошен пробив на театарската сцена во Македонија и странство.

Зоран Љутков директорот на фестивалот ИФАД „Стоби“ оцени дека ова е успешно издание на ИФАД „Стоби“. За вгодина најави поголем број претстави како и гостување на повеќе странски театарски ансамбли.

Во чест на наградените, актерите на Велешкиот народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ ја изведоа претставата „Кралот Лир“ во режија на Ѕвезда Ангеловска.

Би можело да ве интересира

Изложба на кинеска калиграфија отворена во Велес

Во Прилеп завршува МТФ „Војдан Чернодрински“

Двоен „Златен був“ за „Прозаични стихови“ на Али Асгари и Алиреза Катами на 14. Филозофски филмски фестивал

Фестивалот „Преку езерото“ отвора Конкурс за дипломски краткометражен игран или документарен/експериментален филм

Во Кавадарци промовирана книгата „Татков праг“ од Данче Христова Младенова

Од 16 награди на светскиот фестивал во Јесоло -6 за Скопското училиште Кузман

Предраг Петровиќ