Специјалната „Златна камера 300“ за француската кинематограферка Ањес Годар

Од:

Специјалната награда „Златна камера 300“ на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во 2013-та ќе ја добие водечката француска снимателка Ањес Годар, која во 34-годишната историја на фестивалот е прва кинематограферка што ќе ја добие оваа награда за особен придонес во светската филмска уметност.

– Историската одлука е целосно заслужена, бидејќи Годар поседува исклучителен опус од над 40 филмски наслови снимени со еминентни француски режисери, од кои особено е важен двоецот со високопочитуваната режисерка Клер Дени. Всушност, Дени-Годар е еден од најплодните тандеми на две дами-уметници, и по однос на креативноста, и по однос на остварените филмски наслови, соопшти ИФФК еден месец пред почетокот на новото фестивалско издание.

ИФФК ги издвојува „Копилиња“ (2013), прикажан во престижната програма „Извесен поглед“ на фестивалот во Кан, и „Добра работа“ (1999), кој на Годар, покрај номинација за наградата на Европската филмска академија, и ги донесе и наградите „Цезар“, наградата од американските филмски критичари, Chlotrudis, која ја доби и за филмот „Петок навечер“ (2002).

Првата средба на Ањес Годар со Клер Дени била за време на снимањето на филмовите на Вим Вендерс – Дени во улога на асистентка на Вендерс, а Годар како асистентка на камера на легендарниот кинематографер Анри Алекан. Така, Годар била член на екипата на двата најпознати филма на Вендерс „Состојба на нештата“ (1982) и „Небото над Берлин“ (1987).

Како асистентка на камера, но овојпат под супервизија на кинематограферот Роби Милер, ја продолжила соработката со Вендерс и во „Париз Тексас“ (1984) и „Над облаците“ (1995). Своето драгоцено искуство Годар го градела и во асистенција на друг великан на камерата, Саша Виерни, во двата филма на британскиот режисер Питер Гринавеј „з и две нули“ (1985) и „Стомакот на архитектот“ (1987).

Меѓу насловите од самостојната кариера на кинематограферката Ањес Годар се „Дом“ (2008) на австриската режисерка Урсула Мајер, „Сите момчиња и девојки на нивната возраст“ (1994), „Сонишниот живот на ангелите“ (1998) во режија на Ерик Зонка, и „Заскитани“ (2003) на францускиот режисер Андре Тешине.

Ањес Годар е родена во 1951 во гратчето Дун-на-Орон, Шер, Франција. На почетокот студирала новинарство, но подоцна се префрлила на филмски студии и дипломирала на престижната париска школа IDHEC во 1980 година.

Фестивалот „Браќа Манаки“ по 34-ти пат ќе се одржува од 14-ти до 20 септември во Битола и ќе биде отворен со премиера на македонскиот филм „Соба со пијано“ на режисерот Игор Иванов-Изи.

ИФФК веќе го објави лауреатот на „Златната камера 300“ за животно дело во 2013-та – шпанскиот кинематографер Хосе Луис Алкаин.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање