Со претставата „Ничија земја“ почнувa четвртиот „МНТ Фест“

Од:

Со премиерата на претставата „Ничија земја“ во адаптација и режија на Александар Морфов вечер ќе биде отворено четвртото издание на Меѓународниот театарски фестивал „МНТ Фест“, во организација на Македонскиот народен театар. Бугарскиот режисер Александар Морфов е добитник на годинашната награда на „МНТ Фест“ која Македонскиот народен театар ја доделува за исклучителни естетски достигнувања во областа на театарот.

Пред премиерата на „Ничија земја“ вечер, во 19:30 часот, ќе биде отворена изложба на Драган Гајиќ, кој се занимава со театарска фотографија.

Фестивалот ќе се одржува до 13 јуни под мотото „Создаваме на светов убавина“. На 5 и 6 јуни гостува Хуи опера и пекиншки оперски театар од провинцијата Анхуи со претставата „Магбет“, а на 8 јуни Народниот театарот „Иван Вазов“ со „Дон Жуан“. На 13 јуни гостува Народно позориште од Белград со „Иванов“ во главна улога со нашиот актер Никола Ристановски.

В недела ќе има МНТ фест за деца, кога ќе се изведат претставите за деца „Силјан штркот шанца“ и „Авантурите на Аладин“ и документарниот филм „Право кон ѕвездите“. Идејата, како што информира МНТ, е во иднина да има интернационална детска програма.

Во рамки на фестивалот ќе има две работилници. Првата е ликовна колонија каде десетина млади сликари ќе работат портрети на наши актери, а втората е за театарска фотографија. Млади фотографи ќе ги фотографираат претставите кои доаѓаат, а потоа ќе има изложба.

Претставата „Ничија земја“ е по сценарио на Данис Тановиќ и Александар Морфов. Во неа играат Сашко Коцев, Никола Ацески, Александар Михајловски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Славиша Кајевски, Александар Ѓорѓиески, Борче Начев, Камка Тоциновски, Марија Кондовска…

Сценографи се Никола Тороманов и Валентин Светозарев, кој е и костимограф. Изборот на музиката е на Александар Морфов.

Според директорот на МНТ Дејан Пројковски, „Ничија земја“ е една од најважните работи кои ги создал МНТ во последните децении и која, како што рече, ќе ве насмее и растажи до солзи.

Би можело да ве интересира

Концерт на авторски песни за претстави од Горан Трајкоски

Ана Ололовска

„МНТ Фест“ почнува со концерт на театарска музика од Горан Трајкоски

Ана Ололовска