Од 30 јуни почнува летната културна програма во Кочани, во чии рамки до празникот на градот – Петровден, публиката ќе има можност да проследи 14 литературни, филмски, ликовни и музичко-сценски содржини за различни генерации и вкусови.
Програмата изработена од Општина Кочани, ќе се реализира во соработка со граѓански здруженија, институции и поединци, а во неа се вклопени и спортско-рекреативни настани, влезени во годишниот календар на случувања.
– Летната културна програма ќе почне со Фестивалот на култура, традиции и обичаи, којшто е дел од проектот „Нашето заедничко минато, патека за заедничка иднина“, финансиран од ЕУ, а реализиран од Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија, проект со кој во Кочани е реконструиран Мултикултурниот центар. В среда, во вечерните часови, на Летната сцена на Центарот за култура „Бели мугри“ ќе настапат фолклорни состави, а в петок и сабота концерти ќе одржат музичките бендови Малинов Кру и Драган Теодосиев Џез квартет. Посебен печат на годинашнава културна понуда ќе ѝ даде регионалната Берза на винили, со домашни и странски изложувачи, посветена на страстните љубители на грамофонските плочи. Настанот ќе се одржи на 11 јули во Градскиот парк, каде истовремено ќе има пазар на уметнички ракотворби со изложувачи од Македонија, истакна Аспарух Михаилов, советник за култура во Општина Кочани.
Делата од минатогодишната Ликовна колонија ќе бидат изложени на 8 јули во фоајето на „Бели мугри“, а во текот на денот ќе се одржи ликовен перформанс под наслов „Арт варијации“. Во наредните два дена проекции на документарни филмови за деца и возрасни во Кочани и во Оризари ќе има патувачкото кино Македокс.
Од планираните музички настани централното место ќе го има групата Суперхикс, со концерт на 10 јули во Градскиот парк, а истиот ден на Пониква ќе се одржи и етнофестивалот „На Петровден сите на планина“ и традиционалната средба на Власите од регионот.
Во програмата на летната културна програма вклучени се и промоциите на делата „Математичка поезија“ од Даниела Андоновска-Трајковска и „Културно-историските традиции во селото Бели“ од Коце Стојменов, што ќе се одржат на 2 и на 5 јули во Мултукултурниот центар во Кочани.
Велосипедската тура „Осоговска авантура“ на релацијата Пониква – Царев Врв – Пониква ќе се одржи на 11 јули од 9 часот, а финалето на Петровденскиот турнир во мал фудбал е закажано за вечерниот термин на 12 јули на спортските терени на СОУ „Љупчо Сантов“.