Словенечкиот состав „Брина“ на ОФФест

Од:

По Анушка Шанкар, Таксим трио и „Биоскопиа“, на ОФФест вечер настапува словенечкиот состав „Брина“. Концертот ќе се одржи во киното Фросина.

Формиран во 2003 година, бендот што го предводи талентираната и меѓународно етаблирана пејачка Брина Вогелник, црпи мотиви од традиционалната музика. Но, од неодамна, во репертоарот преовладуваат оригиналните композиции. Првите два албума „Mlado leto” (2004) и „Pasja legenda” (2006), оставија силен печат на глобалната мапа на т.н. музика на светот. Во 2011-та, по пауза од седум години, „Брина“ се враќа со нов албум, „Slečena koža“ кој содржи десет композиции од кои неколку се авторски. Бендот соработува со продуцентот Крис Екман, член на The Walkabouts и Dirt Music и продуцент на албумите на Tamikrest и Лоби Траоре.

По Владо Креслин, „Брина“ е единственото име од Словенија што бележи настап на WOMEX (World Music Expo) во 2006 година. Бендот настапил и во радио шоуто на легендарниот Чарли Гилет на Би-Би-Си.

Утре на ОФФест во МОБ се експлозивните Ондатропика и моќната, хипнотичка мароканско-сенегалска комбинација Азиз Самауи и University of Gnawa.

Азиз Самауи е музичар и вокалист познат по својата работа со легендарниот бенд Orchestre National de Barbes, како и по соработката со џез-фјужн легендата Џо Завинул. Роден во Маракеш, Самауи почнал да се занимава со музика уште од седумгодишна возраст. Својот прв професионален бенд го формирал на 14 години. “University of Gnawa” е неговиот прв соло албум со кој стекна пофалби и признанија од критиката. Поимот Gnawa се однесува на традиционалниот транс и исцелителската музика од граничниот регион помеѓу Мароко и Алжир, но неговите корени може да се најдат и во Сенегал, Гамбија и Мали.

Самауи настапува со бенд од Сенегал, а проектот „University of Gnawa” е синтеза на звуците од Мароко и Сенегал. Музиката базира на мароконскиот инструмент гимбри, како и врз сенегамбискиот нгони, но исто така и врз обилното присуство на електрична гитара, клавијатури и перкусии. Музичките расположенија се менуваат како вртењето на еден Суфи дервиш, преминувајќи од тивки тонови, до енергични, трескавични, хипнотички танци.

Зад Ондатропика, колумбискиот одговор на Buena Vista Social Club, се музичарот Марио Галеано и британскиот продуцент Вил Холанд. Бендот е формиран и ги бележи своите први настапи за време на Летните олимписки игри во Лондон. Обединува тим ѕвезди на класичниот и модерниот стил на колумбиската музика. Идејата е повторно да оживее традиционалниот звук со промоција на најдобрите музичари кои имале клучна улога во историјата на колумбиската музика. Првиот албум на Ондатропика е снимен во познатите студија Discos Fuentes во Меделин, за три недели, во јануари 2012 година, во продукција на популарната етикета Soundway Records. Опфаќа безвременски теми чии корени се во шеесеттите и седумдесеттите години, но и во прогресивните, модерни композиции на 21-от век.

Фестивалот се затвора во четврток, со настап на Кимо Похјонен од Финска кој е познат по својата денс, театарска и авангардна музика, по бескомпромисната моќ и оригиналност. Публиката на 6 јуни ќе има можност да го види и ансамблот Тори од Кореја чии ченови, комбинираќи традиционални песни и импровизации, создаваат старо-нова музика од далечни предели.

Би можело да ве интересира

Четврта завршна вечер на OFFest 2023

Ана Ололовска

Почнува 22. издание на ОФФ-Фест

Ана Ололовска

Во продажба билетите за 22 ОФФ-Фест

Ана Ололовска

„Скопски џез фестивал“: Го откажуваме 22. издание на „OFFest“

Ана Ололовска

Последна вечер на 21. OFFest

Ана Ололовска

Македонска вечер за почеток на Offest

Ана Ололовска