СКРМ го заврши протестот пред Министерството за култура, од Владата добиле покана за средба

Од:

Членовите на Синдикатот за култура на Република Македонија (СКРМ) пред Министерството за култура го завршија предупредувачкиот марш со кој бараат да се потпише колективен договор со кој ќе се уредат платите, коефициентите според сложеноста на работните места и условите за надоместоците на плата.

Претседателите на синдикалните организации на СКРМ од национални и локални установи од земјава – театри, музеи, библиотеки, од Националната опера и балет (НОБ) и Филхармонија…, одлепувајќи фластери од уста во знак дека го креваат гласот, извикуваа „Колективен сега!“ и пораките на транспарентите ги оставија пред влезот на Министерството.

Гоце Павловски, секретар на СКРМ, се обрати на импровизирана бина и рече дека државава е единствена во регионот која 15 години нема колективен договор во културата и единствена во која, како што рече, „има астрономски разлики во платите меѓу дејностите, се измислуваат работни места по нарачка, нема основни услови за работа, не се исплаќаат унапредувања, службени и теренски дневници и други надоместоци загарантирани со Законот за работни односи“.

– Тоа е затоа што во ова Министерство работат бирократи кои сметаат дека тие се културата, а ние плебсот од институциите кој не е вреден за внимание. Тие луѓе 15 години деспотски и субјективно одлучуваат или извршуваат по налог кому да му ја покачат платата, кој додаток на плата да ви го скратат, каков закон ни треба, каков колективен договор да ни сместат. За сите проблеми тие 15 години вината ја префрлуваат врз министрите за култура, врз другите министерства и врз нас, вработените во институциите. Денес ги потсетуваме дека Министерството е само сервис на институциите и вработените во културата, истакна Павловски, кој е претседател на синдикатот на НУ „Стоби“.

Тој нагласи дека вработените во културата се тие што треба да кажат што е потребно во нивните професии, а вработените во Министерството треба да наоѓаат начин како тоа да се реализира.

– А нашите барања се скромни – бараме да ни се почитуваат сите права загарантирани со Законот за работни односи и Колективниот договор за јавен сектор. Ние само бараме да прекине феудалниот однос на Министерството и понижувањето на уметниците, стручните лица и другите вработени, истакна Павловски.

Пред да се разотидат од пред Министерството, претседателката на СКРМ Сања Арсовска им соопшти дека штотуку добила порака од Кабинетот на премиерот Зоран Заев дека ќе прими делегација на Синдикатот и дека состанокот ќе се одржи на 24 октомври во 11 часот.

Арсовска се обрати на почетокот на маршот напладне зад Филхармонијата, од каде што порача дека сакаат колективен договор кој ќе стапи во сила на 1 јануари 2020 година. Од таму до Министерството учесниците во колона поминаа по „Илинденска“ придружени со звуци од класична музика, а пред Владата застанаа и испеаја дел од „Хорот на Евреите“ од Вердиевата опера „Набуко“.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање