Денеска во 12 часот во Друштвото на писателите на Македонија ќе се промовира книгата „Сите драми и сонети“ од Вилијам Шекспир во препев од англиски на Драги Михајловски.
Книгата, во обем од 1.650 страници, ја објави издавачката куќа „Каприкорнус“ од Скопје, а за овој подвиг на истакнатиот македонски писател, преведувач и универзитетски професор, на промоцијата во ДПМ ќе зборува Венко Андоновски.
Делови од творештвото на Шекспир ќе чита Роберт Вељановски, а програмата ќе ја води Александра Велинова.
Со книгата „Сите драми и сонети“ најголемиот писател на англискиот јазик и најеминентниот светски драмски автор Вилијам Шекспир на македонските читатели им се претставува во интегрален вид со 37 драми и 154 сонети. Покрај предговорот за творечките особености на Шекспир, книгата располага со посебни текстови за секоја драма, како и со прилог за сонетите. Автор на сите текстови е препејувачот проф. д-р Драги Михајловски.