Сите драми и сонети на Шекспир на македонски во една книга

Од:

Сите 37 драми и 154 сонети на светскиот драматург Вилијам Шекспир првпат се објавени интегрално во една книга преведени на македонски јазик. Автор на преводот е писателот и проф. од Катедрата за англиски јазик Драги Михајловски, кој 30 години се занимава со преведувачка дејност.

Некои од нив се веќе објавувани во посебни изданија а некои, главно историските драми на Шекспир, првпат се преведени на македонски јазик во обемната книга од 1650 страници, објавена од издавачката куќа „Каприкорнус“ и промовирана денеска во Друштвото на писателите на Македонија. Таа содржи и предговор во кој Михајловски пишува за творечките особености на Шекспир, како и посебни текстови за секоја драма и прилог за сонетите.

Промоторот на книгата „Сите драми и сонети на Шекспир“ Венко Андоновски за преведувачкиот подвиг на Михајловски рече дека е културен настан рамен на преводот на Светото писмо, веројатно настан на деценијата зашто првпат Шекспир е комплетно и интегрално преведен и, цитирајќи реплика од драма на Горан Стефановски, овој светски автор станал Македонец, а Михајловски се потврдил како човек-епоха во преводот.

Зборувајќи за пристапот на Михајловски кон преводот, Андоновски рече дека во теоријата на преводот се се преведува, па и реалноста – таа во мисли, мислите во мајчин јазик, потоа преводот од тој на друг јазик и на крајот преводот т.е. толкувањето што читателот го прави додека чита, за да заклучи дека ниеден превод не му е верен на оригиналот.

– Преводот е доста нестабилна работа и, што е најстрашно, неговото неверство не завршува тука. Преводот отсекогаш бил нешто што мора да отстапи од оригиналот, не само поради ноторниот лингвистички факт на семантичко несовпаѓање меѓу јазиците, туку и поради тоа што откако ќе се направи преводот, сфаќате дека си имате работа со превод на култури…Кога преведувате од еден на друг јазик вие имате исклучиво превод на култури. Затоа преводот е една од најнеблагодарните работи, не знаете каде е границата до која треба да бидете оној што го преведувате, а од каде е границата кога почнува вашата култура. Тоа е како на слеп човек да му опишуваш бои. Тоа е страшно тешка задача, истакна Андоновски.

Тој оцени дека преводот на Михајловски е целосно постигнат, не по бројот на страници, туку од естетски аспект што, според него, може да му успее само на преведувач кој и самиот е писател. Смислата за поимот на комичното и на трагичното во драмите на Шекспир Михајловски ги развил во своите авторски дела (раскази и романи) и затоа не му било тешко да го приспособи оригиналот.

Промоторот подвлече и дека преводот го има посебниот стил, идиолект и реторика на Михајловски, но и останува дел од англиската литература. Со тоа, додаде Андоновски, исполнета е двосмислената улога на преведеното дело – да се впише во македонската култура, т.е. да се помакедончи тоа што се преведува, а од друга страна да останат културните кодови на англиската култура. Стилот на Михајловски, рече тој, е воедначен, лексиката богата со архаизми и неологизми кои потсетуваат на архаизми.

Во сонетите, пак, го запознал Михајловски и како поет, а препевот на тие стихувани творби го нарече ремек-дело зашто се работи за „најкристална и најизбрусена поетска форма“. – Некои дури звучат и подобро на македонски, додаде Андоновски.

Преведувачот Драги Михајловски ги поздрави многубројните присутни во ДПМ, заблагодарувајќи се што дошле на промоцијата на книгата од која извадоци читаше актерот Роберт Велјановски. Таа може да се купи за 3.000 денари во поголемите книжарници или да се нарача кај издавачот „Каприкорнус“.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање