Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на покровителка, го прогласи за отворено 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и ја врачи наградата „Златна камера 300“ на годинашниот лауреат, данскиот кинематографер, Дан Лаустсен, се вели во соопштението од нејзиниот кабинет, кое МИА го објавува интегрално.
Во своето обраќање, таа посочи дека „Браќа Манаки“ одамна не е само фестивал, туку и културна институција со препознатлив меѓународен авторитет, докажан културен идентитет и долг, духовен и емоционален мост што ја поврзува македонската и балканската кинематографија со светската.
За неа, особено значајно е што меѓу 12-те кинематографери чии филмови се во официјалната селекција се најдоа и два македонски филма, со кои ќе се отворат и затворат 47. издание на Фестивалот, што претставува признание и импулс за македонскиот филм.
Таа укажа дека камерата не е само техничко средство за создавање филмска слика, туку и моќен естетски инструмент и сведок на времето, кој не само што го регистрира и прикажува светот, туку му дава значење и ни овозможува да го разбереме.
Според претседателката, овогодишното мото на Фестивалот „Ткајачи на филм“ е исклучително силна метафора, оти филмот се ткае од светлина и сенка, од боја и движење, од звук и тишина, од вулкански емоции, оригинални идеи и моќни визии, од минатото, сегашноста и иднината, од традицијата и иновацијата, од искуството на големите мајстори и храброста на новите генерации.
„Од пионерскиот подвиг на Јанаки и Милтон Манаки, до современите врвни достигнувања на светската кинематографија, оваа фестивалска приказна се ткае и ткае како драгоцено културно наследство на филмскиот разбој“, рече таа.
Сиљановска-Давкова нагласи дека наша должност е да го поддржиме, сочуваме и продолжиме ова драгоцено наследство, создавајќи услови новите генерации уметници слободно да творат, експериментираат, поставуваат смели прашања и храбро да ги поместуваат хоризонтите на можностите.
Таа потсети дека, и покрај молскавичните промени, дигиталната поплава и модерните визуелни технологии, човекот и неговата емоција остануваат најважните ткајачи на филмските приказни, како што бабите се највештите ткајачки на килими и шехерезади.
„Нека Теона, Тамара, Дина, Косара и Марија поттикнат други авторски таленти и гласови во филмската ткајачка фабрика, нека искуството и мудроста се сретнат со младоста и непослушноста, нека блесне светлата страна на Балканот, Европа и светот и нека помогне во протерувањето на темната!“, порача претседателката.
