Познатата песна на Кочо Рацин, „Копачите“, во петочната вечер силно екна среде струшката чаршија, во поетскиот перформанс на ИНКА (Здружението Иницијатива за независен културен активизам ), изведен по повод промоцијата на шестиот број на активистичкиот уличен магазин „Лице в лице“.
Перформансот, во режија на Климент Попоски, го изведоа креативците на ИНКА, кои со својата интерпретација, како вовед на промоцијата, силно ја разбрануваа чаршијата во градот чие име е синоним за поезија. Нивната енергија беше заразна и за публиката дојдена на настанот, која не се двоумеше и гласно читаше стихови на различни јазици.
Целиот настан беше засилен и со хорска изведба на ангажирани стихови, а перформансот финишираше со жива скулптура од изведувачите, облечени во „поетски“ маички, која беше пожелна мета и на фотоапаратите на стружани, но и на странските туристи и љубители на поезијата. Дел од нив, пак, беа гости и на Струшките вечери на поезијата, тековната манифестација во чија придружна програма се случи и промоцијата на „Лице в лице“.
Целта на настанот беше да се покаже дека поезијата може да го реанимира нашиот умртвен сензибилитет и да поттикне општествена солидарност.
-Сакавме поезијата да ја изнесеме на улица, да ја доближиме до публиката, заедно да се потсетиме на силните стихови на Рацин кој низ своето творештво бараше социјална правда. „Лице в лице“ ги менува животите на маргинализираните, а со содржините и со активностите освестува, едуцира, повикува на акција- рече Климентина Илијевски координаторката на регионалната платформа за активизам „Лице в лице“ за Македонија.