Oд 12 до 17 октомври на повеќе локации во Скопје ќе се одржува 7. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“. Во шесте дена ќе има богата филмска понуда, креативни работилници и едукативни активности кои ќе вклучат околу 650 деца и млади од 11 до 19 години од десет земји.
Главна тема е заштитата на човековата средина, со посебен акцент на воздухот, а во повеќе филмови и активности теми ќе бидат и безбедноста на интернет и борбата против врсничкото насилство.
Во натпреварувачката програма ќе бидат 15 играни филма распределени во три возрасни групи: јуниори (10-14 год.), кадети (14-16) и сениори (16-19), а секој од филмовите ќе биде проследен со дискусија на темите на филмовите што ги засегаат младите.
-И годинава во главната програма имаме внимателно селектирани филмови, а учесниците, поделени по возрасни групи, во улога на жири ќе ги изберат најдобрите филмови за младата публика. Покрај децата од нашата земја, во жирито ќе учествуваат и 50-ина деца од странство, кои за време на фестивалот ќе бидат гости во домовите на своите другарчиња, соопшти тимот на „Џифони“.
Фестивалот ќе биде отворен в сабота (12 октомври) во 19 часот во киното „Милениум“ во Скопје со италијанскиот филм „Несовршена доба“ на режисерот Улисе Лендаро. На свеченото затворање на фестивалот, пак, на 17 октомври во 19 часот во киното „Милениум“, ќе биде презентирано сето она што „џифонците“ ќе го создадат на сите работилници за време на фестивалот. Ќе бидат одржани и неколку мастеркласови, меѓу кои и на директорот и основач на „Џифони експириенс“, Клаудио Губитози. .
„Џифони Македонија“ е дел од големото семејство на „Џифони експериенс“ од Италија, најголем културен настан во светот посветен на филмот за деца и млади, кој в година ќе одбележи 50 години постоење.