Македонскиот сатиричар Миле Ѓорѓијоски е добитник на меѓународната награда „Наџи-Наман“ што во Либан се доделува за афоризми. На конкурсот за ова меѓународно признание учествуваа 1.681 автори од 58 држави од четири континенти.
Наградата се состои од плакета и сертификат за почесен член на Куќата на културата „Наџи – Наман“, како и објавување на наградениот труд во алманахот на фестивалот на четири јазика – арапски, англиски, француски и на јазикот на добитникот на наградата, односно на македонски.
– Како соработник на „Остен“, „Јеж“ и како учесник на повеќе фестивали на хумор и сатира во Македонија и во поранешните југословенски републики повеќепати сум наградуван, но оваа награда многу ми значи, лично за мене и за афирмација на македонскиот афоризам и јазик, изјави Ѓорѓијоски за МИА.