Сања Раѓеновиќ : Чаушевски ќе остане запаметен по тоа што ја прокоцка шансата Скопје да биде европски град

Од:

По изјавите на Жарко Чаушевски, архитектот кој заговара „барокно“ Скопје и е автор на фасадата на Владата, на „барокниот ГТЦ“ и на голем број други објекти од Скопје 2014, за А1 он реагира Сања Раѓеновиќ Јовановиќ, претседателка на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

-Мило ми е што конечно се огласи, во моментов, најексплотираниот архитект во Македонија. Сега ми е јасно зошто никогаш не одговара на сите повици од колегите за дијалог, за дебата. Повикот за дебата е секогаш отворен на место и време кои самиот ќе ги избере. Искажаното покажува елементарни непознавања на сопствената професија. На почеток се повикува на враќање кон традицијата и дава пример дека науката го истиснала атеизмот. Науката може да ја истисне само религијата. Се прашувам во кое културно и етичко милје пораснал овој човек? Како да сме живееле во различен град.

Ние со Европа никогаш не сме биле, ниту сме рамноправни. Единствено нешто по што е Скопје препознатливо во светот е архитектурата по земјетресот. Во ниедна друга област светски признати професионалци не биле вклучени во Македонија како што беа светските архитекти во изградбата на Скопје. Никогаш архитектите во Македонија толку многу не биле рамноправни со колегите од светот и во чекор со архитектурата.

Чаушевски се декларира како познавач на историјата. Убаво е тоа. Веројатно му е јасно дека историјата е учителка на животот.

Ама не го научила дека ќе остане забележан како архитект кој ја прокоцкал шансата Скопје да се развие во европски град. Неговото сфаќање како треба да изгледа објектот на Влада, згора на тоа, на туѓ објект – е негов проблем, наш проблем е кога тоа станува државна политика.

Архитектурата му се сведува на 3Д анимација и преоблекување на објекти без функција и содржина. Основните проекти, главно, ги прават други бироа. Единствено што погоди е колку добра фирма била „Пелагонија“.

Но таму некои проектанти биле локомотиви и точно, со име и презиме, се знае кои се тие, а некој други вагони – тие не се паметат. Најжално од се’ е што тој ги преоблекува голем дел од објектите на таа иста „Пелагонија“. А најголем дел од објектите на „Пелагонија“ се правени во период кој го нарекува „соц-реализам“. Во архитектурата не постои „соц – реализам“ како стил и естетска категорија. Тоа е кованица.

Соц – реализмот се третира како период на уметничка слобода, се јавува во сликарството и книжевноста од него произлегува и авангардното движење конструктивизам. Во архитектура нема „модернизам“ има само Модерна. Чаушевски повикува на враќање на традицијата, а самиот не го почитува наследството. Или можеби наследство е само тоа што тој решил да биде, вели Раѓеновиќ за А1 он.

Александра Бубевска

Би можело да ве интересира

АХВ нареди времено затворање на кујната во касарната „Гоце Делчев“

Горан Наумовски

Во Скопје се санираат штетите од синоќешното невреме

Повеќе од 12 часа делови од Скопје без струја

Од силниот ветер падна дрво и повреди жена во центарот на Скопје

Катерина Ѓуровски

Во Тетово и во Скопје уште се санираат последиците од невремето

Невремето остави хаос во Тетово, се санираат штети и во Скопје

Катерина Ѓуровски