Рускиот гудачки квартет „Јанкелевич“ со италијанскиот пијанист Марко Чампи вечерва на „Охридско лето“

Од:

Триесет и вториот ден од годинешното издание на „Охридско лето“ резервиран за целовечерниот концерт на познатиот руски гудачки квартет „Јанкелевич“, заедно со истакнатиот италијански пијанист Марко Чампи.

Како што истакна селекторката на музичкиот дел од програмата на „Охридско лето“ Гордана Јосифова-Неделковска, токму камерните ансамбли заземаат посебно место на фестивалот.

– Особено задоволство ни претставува што оваа година имаме можност да слушнеме еден извонреден гудачки квартет кој доаѓа од Русија. Квартетот „Јанкелевич“ досега учествувал на голем број фестивали во светот, а добитник е и на голем број награди на национални и интернационални натпревари. Оваа вечер, музичарите ќе исполнат дела од најзначајните композитори кои пишувале за камерни состави, а ќе ја претстават и несекојдневната верзија на концертот од Моцарт во преработка за гудачки квартет. Солистичката делница ќе ја изведе еминентниот италијански пијанист Марко Чампи, изјави таа.

Московскиот гудачки квартет „Јанкелевич“ е основан на Московскиот конзерваториум во 2006 година. Учествувал на бројни фестивали и соработувал со повеќе реномирани музичари, а добитник е и на повеќе награди. Илја Гајсин (прва виолина) добитник е на бројни меѓународни награди, а настапил во повеќе од 200 сали низ целиот свет. Главен диригент е на Московскиот камерен оркестар на центарот „Павел Слободкин“. Александра Федотова (втора виолина) била асистент на Московскиот конзерваториум, а од 2012 година е концерт-мајстор на камерниот оркестар „Москов камерата“ („Мосцоњ цамерата“). Активно настапува како солист и камерен музичар низ целиот свет. Добитник е на повеќе интернационални награди. Михаил Рудој (виола) дипломира на Московскиот државен конзерваториум, во класата на И. Наидин – член на прочуениот гудачки квартет „Бородин“. Добитник е на повеќе награди на натпревари во Русија и Австрија. Евгениј Румјанцев (виолончело) дипломира на Московскиот конзерваториум, во класата на Наталија Шаховскаја, а се надградува на мајсторски курсеви, вклучително и со Мстислав Ростропович. Активно настапува во голем број земји низ целиот свет и предава на Московскиот државен конзерваториум. Марко Чампи дипломирал на одделот по пијано на конзерваториум „ Сан Пиетро а Мајелла“, а покрај тоа студирал и композиција и диригирање на истиот конзерваториум. Добитник е на бројни награди на повеќе од 30 национални и меѓународни натпревари по пијано. Настапувал како солист во некои од најпрестижните сали во светот (Интернационалната московска куќа на музиката, „Стејнвеј хол“ во Лондон, театарот „Дијана“ и „Скарлати хал“ во Неапол и др.) и на некои од најзначајните фестивали (Летниот музички фестивал во Соренто, Јеуџ д’Арт а ла Вилла д’Есте во Тиволи и др.), предизвикувајќи воодушевување кај светската публика и критика. Во текот на својата кариера соработувал со повеќе значајни оркестри.

Марко Чампи моментално е уметнички директор на Музичката академија во Формија (Италија). Концертот ќе се одржи во атриумот на црквата „Света Софија, со почеток од 21 часот. На програмата се дела од Лудвиг ван Бетовен, Волфганг Амадеус Моцарт и Дмитри Шостакович.

Би можело да ве интересира

Изложба на кинеска калиграфија отворена во Велес

Во Прилеп завршува МТФ „Војдан Чернодрински“

Двоен „Златен був“ за „Прозаични стихови“ на Али Асгари и Алиреза Катами на 14. Филозофски филмски фестивал

Фестивалот „Преку езерото“ отвора Конкурс за дипломски краткометражен игран или документарен/експериментален филм

Во Кавадарци промовирана книгата „Татков праг“ од Данче Христова Младенова

Од 16 награди на светскиот фестивал во Јесоло -6 за Скопското училиште Кузман

Предраг Петровиќ