Еден од најчитаните и најпреведуваните современи руски романи „Првото второ доаѓање“ од Алексеј Слаповски на македонски јазик го објави издавачката куќа Слово од Скопје, во рамки на едицијата Сто словенски романи.
„Првото второ доаѓање“ е гротескна приказна за постсоветска Русија, за нејзините простодушни луѓе, луѓе желни за чуда. Како што истакнуваат од издавачката куќа, тоа е хроника на малите луѓе на кои им се случило нешто натстварно и кои не се снашле баш најдобро како спасувани и спасители. Слаповски се игра со стереотипските слики што ги имаме за Русија и за руската книжевност.
Според познавачите романот „Првото второ доаѓање“ на Слаповски претставува студија на чудото, за тоа колку знае да биде потресна приказната кога тоа чудо ќе се сретне со наивноста и безверјето на луѓето.
Алексеј Слаповски пишува романи, раскази, драми и сценарија за филмови. Неговите драми се играни на сцените на европски и светски театри.