Во Културно-информативниот центар – Скопје вечер концерт ќе имаат музичарите Вариса Хајдарпашиќ – сопран и Андреј Наунов – пијано.
Вариса Хајдарпашиќ е родена во 1993 година во Велес. Своето музичко образование го почнала во 2007 година во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје на отсекот за соло пеење како дел од класата на проф. Искра Трпева – Арсовска. Продолжила на истиот отсек на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во класата на проф. Весна Гиновска Илкова до третата година на студиите. Четвртата година ја студира во класата на проф. Славица Галиќ – Петровска, во чија класа и дипломира во 2015 година со „Cum Laude“. Освоила неколку награди на државно и меѓународно ниво.
Андреј Наунов е роден во Кочани. Дипломирал на Факултетот за музичка уметност – Скопје на одделот пијано во класата на Симон Трпчески, како негов прв студент. Има остварено бројни солистички рецитали, настапи со Македонската филхармонија и оркестарот на Македонската опера и балет.
Негови позначајни настапи се турнеите со пијанистот и негов професор Симон Трпчески на териротијата на Република Македонија. Студира диригирање на ФМУ во класата на Саша Николовски- Ѓумар. Вработен е како корепетитор во Македонската опера и балет и како музички соработник на Факултетот за музичка уметност во Скопје.