Второто издание на „Битола Шекспир фестивал“ денеска приреди уште една содржинска новост, работилница на тема „Шекспир во кукли“ која ја одржа Марек Вазикел, историчар, критичар, професор а во моментов и директор на Театарот за анимација во Познањ, Полска.
Вазикел соработува со многу куклени театари, школи и фестивали за куклен театар во повеќе држави, а во Битола својата работилница ја одржа пред студентите што студираат на драмски уметности на универзитетите во Македонија, актери и режисери од државата и странство.
– Во Битола пристигнав мотивиран од две причини, првата – затоа што Шекспир е подеднакво важен и за куклениот театар и не само во Полска туку и во други европски држави, а втората причина беше мојата желба да го прикажам богатството на современиот културен театар. Јас мислам дека современиот театар се движи на границата меѓу различните видови уметност како што се драмата, танцот и или визуелниот театар. Привилегијата на современата уметност е да овозможите простор на различностите, а конечниот производ го прават многу уметници, посочи Вазикел.
Според Благој Мицевски, уметнички директор на „Битола Шекспир фестивал“, фестивалските новитети предизвикале дополнителен интерес и квалитет на фестивалот кој е поддржан од Министерството за култура.
– Работилницата беше уште една понуда и доказ за тоа како делата на Шекспир може да се работат денес и дека можностите се неограничени. Полскиот театар и посебно куклениот театар од таа држава има огромна традиција, нешто што нам ни недостасува ни овозможи да креираме нови идеи, истакна Мицевски.
„Битола Шекспир фестивал“ вечер продолжува со настап на театарот домаќин чии актери ќе ја изведат претставата „Отело“ во режија на Диего Де Бреа.
– Возбудата е голема и сакаме да воочиме како гостите од странство ќе ја погледнат и почувствуваат нашата претстава, посочи Мицевски.