Промовирана публикација „Крушево-град на музеите, Првата Република“

Од:

Во рамки на научно-културните средби „Десет дена Крушевска Република“ денеска во галеријата „Никола Мартиноски“ беше промовирана публикацијата „Крушево-град на музеите – Првата Република“ чии автори се новинарката Елизабета Митреска и историчарот и директор на Историски музеј – Крушево, Зоран Богески.

Промоторот Никола Јованоски, писател и истражувач, нагласи дека оваа книга низ збор и фотографија е интересна читлива приказна за Крушево на 160 странци на македонски и на ангилиски.

– Публикацијата е интересна да се побараат фактите, но и ткивото преку приказните кои го одредуваат Крушево онакво какво што е. Се чита во еден здив. Ваквиот пристап на научно и новинарско-репортажен стил поткован со историски аргументи, потврден од бројните изјави и оживеан со бројните фотографии, би рекол висококвалитетни и умесно одбрани, нуди можност на еден несекојдневен начин да се доближи Крушево, изјави Јованоски.

Според авторката Митреска, Крушево е историја и приказна која секогаш се отвора како вонвременска книга.

– Со публикацијата Крушево-град на музеите – Првата Република” сакаме низ фактите и низ приказните што се покривното ткиво на податоците, да добиете слика за целосното битисување на Крушево. Фактите да го зацврстат, а приказните да го доловат историскиот печат што го носи ова гратче. Достоинствено, а сепак скромно. На 16- ина страници, на македонски и дел на англиски јазик, се претставени седумте музеи, културните настани низ фактите, приказните и фотографиите. Да не биде здодевно четиво на редење податоци (всушност многу е пишувано и досега), туку да заинтригира за повторна средба со Крушево, пак да се видат местата, црквите, чаршијата, староградските градби, убавината на Коријата, на крушевските терени кои се белеат во зима, рече Митреска.

Според историчарот и коавтор на публикацијата Зоран Богески, книгата открива познати и непознати факти, приказни и фотографии.

– Познатите факти за историско Крушево пак потсетуваат на Илинденската епопеја, на развојот на градот, на музеите, староградските градби, на убавините. Публикацијата носи нови истражувачки приказни, објавува и нови факти и фотографии досега скриени во архивите на историски музеј – Крушево и за првпат се претставени четите и војводите што ги дало ова славно место. Се надевам ќе наиде на љубопитност не само кај крушевчани, туку и кај посетителите од земјава и странство, вели Богески.

Публикацијата „Крушево-град на музеите, Првата Република“ ја издава „Историски музеј“ Крушево, а е проект финансиран од Министерството за култура.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Параглајдеристот кој имаше несреќа во Крушево заминува дома

Повреден параглајдерист во Крушево, се пренесува со полициски хеликоптер

Крушево: Отворена манифестацијата „10 дена Крушевска Република“

За Илинден до Крушево да се користат патните правци преку Битола и Кичево

Во Илинденско Крушево пристигнаа повеќе од 150 коњаници

Уапсен 73-годишен маж од Крушево – дома му нашле дрога, оружје и пари