Промоција на шестото издание на „Лице в лице“

Од:

Пред хотел „Београд“ во Струга утре во 20 часот уличен перформанс ќе одржат Здружението за независен културен активизам „ИНКА“ и групата „Wezdensky“ со што ќе биде промовирано шестото издание на уличното активистичко списание „Лице в лице“.

Промоцијата е во рамки на придружната програма на „Струшките вечери на поезијата“ со што, сметаат организаторите, поезијата ќе се доближи до пошироката публика и преку поетските стихови ќе се испрати порака која треба да делува освестувачки и поттикнувачки.

Со купување на новиот број на списанието, граѓаните ќе добијат и „поетски маички“ дизајнирани за овој настан, а обезбедени од „Кимко“, како и подароци од Македонски Телеком.

Како промотори ќе се појават познатите писатели Лидија Димковска и Владимир Мартиновски, поетесата и критичарка Мерсиха Исмајлоска и археологот и поет Валентина Тодороска.

Новиот број на „Лице в лице“ донесува содржини за важноста на јазичната разноликост како богатство што зближува, а не разединува, за поезијата како нов модел на отпор. Мартиновски пишува дали ни е потребен нов Рацин, а редовната колумнистка, професорката Светлана Слапшак, става акцент на маичките како медиум за будење на граѓанската свест.

„Лице в лице“ е активистичко улично списание кое излегува еднаш на два месеци, а во Македонија го печати Центарот за медиумски активности од Скопје. Магазинот го промовира моделот на социјално претприемништво во земјава, работно ангажирајќи социјално ранливи категории граѓани, а половина од продажната цена оди директно за продавачот.

Подготовката на овој број е помогната од Фондацијата отворено општество Македонија и од Македонски Телеком.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање