Во рамките на „Охридско лето“ вечерва ќе се одржи промоција на книгата „Поезија – ткаења“ од Славе Ѓорѓо Димоски.
Во книгата „Поезија – ткаења“ во издание на „Панили“ од Скопје се содржани досегашните објавени поетски книги на Славе Ѓорѓо Димоски: „Гравири“ (1979), „Проект“ (1982), „Студен порив“ (1985), „Последните ракописи“ (1988), „Спореден пат“ (1991), „Предмети и аргументи“ (1994), „Форми на страста“ (1998 и 1999), „Темно место“ (1999) и „Мерач на зборовите“ (2007). Изданието е објавено во знак на 35 години поетско творештво, односно од објавувањето на првата книга „Гравири“ (1979).
Редоследот на книгите е во обратен ред и враќајќи се наназад се открива патот на творечкото време до почетоците на авторот од кога почнал да се создава еден посебен поетски свет, една своевидна и самостојна поетика, надвор од кулоарските случувања и во посебен природен амбиент на планината Галичица.