Од 26 до 30 јуни во Струмица ќе се одржи 13. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ под мотото „Меѓу фактот и фикцијата“. Специјални лауреати на овогодишниот „Астерфест“ се продуцентката Џеки Шепард (1962, Велика Британија), добитничка на Наградата Астер за високи достигнувања во филмската продукција, и актерот, режисер и сценарист Коле Ангеловски (1943, Македонија), добитник на Специјалното признание на Тивериополската филмска алијанса за високи достигнувања во филмската уметност.
– Продуцентката Џеки Шепард има значително искуство во работењето во странство, најчесто со нови таленти, на кратки и долгометражни филмови. Заедно со својот партнер-продуцент Марк Блени, во „Футпринт филмс“, го продуцирала долгометражниот „Африка јунајтед“, сниман во Јужна Африка, Бурунди и Руанда. Продуцентка е и на повеќекратно наградуваниот краток филм „Јас сум Сами“, сниман во Курдистан, каде што работела со Кае Бахар. Како дел од посветеноста на нови таленти, „Футпринт“ соработува со The Pitch – филмски натпревар кој им дава можност на новите автори да создадат финансиран краток филм. Заедно со режисерот од Pitch, Лук Волтон, Џеки ги продуцирала сите победнички кратки филмови досега, од кои голем дел се прикажуваат на фестивали низ целиот свет, објаснуваат организаторите.
За Ангеловски, од „Астерфест“ ќе запишат дека како актер дебитира уште како студент во југословенскиот филм „Саша“ на Раденко Остоиќ, по што следуваат импресивните креации во „Да се дојде и да се остане“ на Бранко Бауер и „Тврдина на силеџии“ на Јоже Погачник. Играл и во филмовите „Светски човек“, „Крос контри“, „Собирен центар“, „До победата и по неа“, „Мементо“, „Жед“, „Црвениот коњ“, „Нели ти реков“ и во многу други. Ги режирал филмовите „Татко (Колнати сме, Ирина)“, „Викенд на мртовци“, „Време за плачење“, „Ах, љубов моја“, ТВ-сериите „Солунски патрдии“, „Училиште за кловнови“, „Лото, лото“, а останува запаметен по улогата на Диди во драмската серија „Да видам, да видам што да бидам“ заедно со брат му Владимир-Дади Ангеловски. Во повеќето свои филмови се јавува како сценарист. Одиграл над 40 филмски и над 20 театарски улоги, режирал над 80 претстави, произвел над 500 часа ТВ-програма, превел над 30 драми на македонски.
Според организаторите, главниот програмски селектор, филмологот Атанас Чупоски веќе ја заокружил меѓународната програма која, како што велат, е составена од исклучителни, најнови филмски остварувања на полето на краткиот и документарниот филм од повеќе земји.
Филмските автори кои ќе ги претстават своите филмови и ќе се натпреваруваат за Златната, Сребрената и Бронзената потковица.