Продолжува соработката меѓу Мал драмски театар-Битола и Театар „Андреас Вуцинас“ од Солун

Од:

Мал драмски театар-Битола и Театар „Андреас Вуцинас“-Солун ќе продолжат да соработуваат на друг проект, истакнаа првите луѓе на двата театари по завршувањето на нивниот заеднички проект „Интеракција низ глума: Од драма до современа уметност-Интеракт“ финансиран од ИПА-програмата на ЕУ за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Грција.

Носечки дел на проектот беше театарската претстава „Кралот Рес“ од Еврипид во режија на Павлос Данелатос за која преводот на македонски јазик го направи Томислав Османли.

Во рамки на проектот се одржаа и придружни манифестации: изложба на антички маски од комедии и драми, семинар за драмски техники под менторство на професорката Софија Караканѕа и работилница на тема „Одигрување на улога како средство за личен развој“ чиј предавач беше професорот Николас Сапуѕис.

– Првпат реализираме директна соработка со театар од соседна Грција, а таа се одвиваше така како што им доликува на театрите – отворено, искрена и професионална. Ќе продолжиме да соработуваме на нов театарски текст со две изведби. Нашата 18 месечна соработка произведе други дополнителни фестивалски настапи и убедени сме дека сме добри промотори на добросеседски односи, на театри со препознатлив идентитет, уметници кои непречено зборуваат на својот јазик, ние на македонски, тие на грчки, и соработуваме како вистински соседи со кои секогаш треба да живееме, рече меѓу другото основачот на Мал драмски театар-Битола Благој Стефановски.

Димитрис Мицопулос, претседател на Театар „Андреас Вуцинас“ од Солун истакна дека со Мал драмски театар-Битола се создадени услови за повисоки заеднички цели.

– Многу сум задоволен што стекнав нови во број и добри пријатели, и не само јас туку и студентите, актерите и режисерите од Театар „Андреас Вуцинас“. Ова е само почеток втемелен на скоро две годишна соработка но тоа е повеќе од доволно за поставување на нови заеднички повисоки цели. Гостопримството и културата што тука ги запознав ќе ги пренесам во Грција бидејќи домаќините ни пренесоа часови по култура, нагласи Мицопулос.

Во реализацијата на проектот „Интеракција низ глума: Од драма до современа уметност-Интеракт“ како трет партнер учествуваше здружението на граѓани „Пелагонија“-Битола, беше потврдено на прес конференцијата во овој град.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање