Режисерката на македонскиот филм „Кога денот немаше име“, Теона Стругар Митевска, продуцентката Лабина Митевска и дел од актерската екипа денеска на прес-конференција на престижниот Берлински филмски фестивал „Берлинале“ говореа за идејата според која е направен филмот „Кога денот немаше име“, како и за општествените процеси во Македонија кои што се индиректно и директно прикажани преку ова филмско дело.
За продуцентката на филмот Лабина Митевска снимањето на филмот бил ризик поради опасноста со него дополнително да се подели македонската јавност која што се уште има силни емоции за еден од најкрвавите настани во поновата македонска историја.
– Кога прв пат Теона ми кажа за проектот прво мислев дека е премногу опасен затоа што во Македонија овој инцидент не донесе блиску до граѓанска војна. Се работи за многу интересна тема, за интересна приказна, но не мислев дека е време да се сработи. Ние секогаш имаме различни идеи во дискусиите, таа рече дека сега е време и дека не е заинтересирана за документарен филм, не како приказна за семејствата, не како правда во смисла дали Македонци или Албанци ги убиле децата, туку е заинтересирана за загубата на невините млади животи, рече Лабина Митевска на прес-конференцијата, јавува дописникот на МИА од Берлин.
За нејзината сестра мрачните настани на Велики четврток на Смилковското езеро биле шок и тоа било иницијалната каписла да загатне прашања, да се обиде да даде одговори на нив, да навлезе во суштината на проблемите коишто ги имаат македонските млади луѓе и феноменот на насилството.
– Се разбира дека бев шокирана, но пред се бев погодена од таа идеја за загуба на невини животи. Што тоа значи, како дојдовме до таму, зошто се случи тоа? Тоа беше прекинувач да копам подлабоко. Тоа беше предтекст да копам подлабоко во општеството и нашиот однос кон насилството, посочи режисерката и ко-сценаристка Теона Стругар Митевска.
За младиот музичар и актер Иван Вртев Шоптрајанов, филмот може да помогне да се победи насилството и желбата на луѓето проблемите да ги решаваат по насилен пат, но тоа не е доволно. Потребна е општа атмосфера на ненасилство за да се променат работите.
– Мислам дека филмот ќе помогне против насилството, но не мислам дека е тоа доволно. Потребно е многу повеќе од еден филм. Нешто е погрешно , треба да го поправиме тоа. Треба на луѓето да им кажуваме дали преку медиумите или преку филмот како медиум, треба да најдеме начини, а постојат многу начини на луѓето да им кажеме дека ова не функционира. Мислам дека дури тогаш кога луѓето ќе бидат опкружени со идејата дека тоа не е добро и дека треба да се менуваат работите тие ќе се согласат на промена, рече Шоптрајанов пред акредитераните новинари на Берлинале.
Покрај Шоптрајанов на прес-конференцијата говореа уште двајца актери во филмот Ханис Багашен и Леон Ристов, како и сценаристката Елма Татарагиќ.
Во филмот глумат и Стефан Китановиќ, Игорчо Постолов, Драган Мишевски, Петрунија Киселички, Инес Ходич, Ратка Радмановиќ, Николина Кујача, Ана Костовска и Лабина Митевска.
Овој филмски проект е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, а реализиран во продукција на „Сестри и брат Митевски“, заедно со копродуцентите „Вертиго“ од Словенија и „Ентре Шиен е Луп“ од Белгија, а поддршка добил и од страна на Европската филмска агенција „Еуроимаж“.