Презентација на бугарското издание на „Јавна и културна дипломатија“ од Васко Шутаров во Софија

Од:

Во Галеријата „Средец” во Министерството за култура на Бугарија денеска ќе биде претставено бугарското издание на книгата „Јавна и културна дипломатија“ од Васко Шутаров. Книгата на македонскиот пазар беше објавена во 2014 година од книгоиздателството „Панили“, а во Бугарија ја издаде книгоиздателството „Изида“ минатата година.

Книгата ќе ја претстават Марјан Ѓорчев, амбасадор на Македонија во Бугарија, Дејана Данаилова, директор на Дирекцијата „Меѓународни и регионални дејности” во бугарското Министерство за култура, Пламен Тотев од издавачка куќа „Изида”, а обраќање ќе има и авторот на книгата, Васко Шутаров.

Акцентот во оваа книга е на културната дипломатија, која е стара колку и самата дипломатија, но своите најдобри практики ги стекнува во минатиот век. Позната и како меѓународна културна соработка, преку содржините, формите и инструментите на културата, културната дипломатија во 21 век, станува не само неодвоив дел од дипломатските практики и акции на сите современи држави, туку и еден од нивните најефектни и најсигурни столбови, во остварувањето на целите на надворешните политики.

Културната дипломатија може да создава партнерства и пријателства, наклонетост и симпатии меѓу странските аудиториуми, преку моќта на културата, нејзината естетика, но и специфична емоција. Ја нарекуваат и „мека“ или „интелигентна моќ“ во дипломатијата. Преку книжевноста, музиката, ликовната уметност, театарот, операта, балетот, филмот, индустриите за забава, креативните индустрии, до културните содржини во дигиталните медиуми и огромното виртуелно пространство, културната дипломатија може во секое време и на секое место, да допре со своите пораки, до секого.

Преку анализа на културните дипломатии на преку 30 земји, во книгата се претставени и најдобрите културно-дипломатски практики од времето на Студената војна, до денешни дни. Најдобри културни практики, се токму оние кои успеваат да создадат мостови на пријателства и партнерства, како помеѓу блиските, така и помеѓу најдалечните и меѓусебно непознати култури. Какви се перспективите на културната дипломатија, кои се нејзините инструменти во процесите на брендирање и препознатливост на одредени држави, какви се нејзините релации со економската дипломатија, се дел од одговорите кои можете да ги пронајдете во оваа книга. Книгата е интересно четиво или патоказ за сите оние кои се занимаваат со културна дипломатија или културна промоција, но и за сите оние кои имаат интерес за културата и дипломатијата воопшто.

Авторот на книгата Васко Шутаров е директор на Културно-информативниот Центар на Република Македонија во Софија, поранешен пратеник во македонското Собрание (2006-2011) и претседател на собраниската Комисија за култура (2009-2011).

Би можело да ве интересира

Актерот Сашо Тасевски доби награда за улогата Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“

Саем на книга 2025 – книгите се многу повеќе од зборови, тоа се мостови што поврзуваат луѓе, култури, идеи

МАНУ промовираше тритомно издание „Кочо Рацин“

Нови датуми за Глумците Пеат

Поради трагичниот настан во Кочани се одложува Неделата на франкофонскиот филм

Предраг Петровиќ

Концертот на Мариа Мендеш ќе се одржи и ќе биде со хуманитарна цел