Претставата „Ждрело“ на Драмски театар утревечер премиерно на „Охридско лето“

Од:

Премиерата секогаш е еден од главните настани на секој фестивал на кутурата. Првата премиера на годинашното „Охридско лето“ е закажана за утревечер, со изведбата на претствата „Ждрело“, на текст на Жанина Мирчевска, во режија на Зоја Бузалковска, а во изведба на Драмскиот театар од Скопје.

Директорот на Драмски Роберт Вељановски на денешната прес-конференција нагласи дека претставата е продолжение на интенциите на институцијата да изведува текстови на домашни автори.

– Драмски промовирал големи имиња на македонската драматика и во континуитет, следејќи го концептот на куќата и оваа година настапува на „Охридско лето“ со драмски текст на домашен автор, истакна тој.

Режиерот Зоја Бузалковска, за текстот на претставата рече дека е мешавина на повеќе жанрови, сложен материјал, текст возбудлив како за режирање, така и за актерска игра.

– За поставката беше потребно да се избере силен, како авторски, така и креативен тим. Тесктот на авторката е универзално значаен, поеднакво актуелен и кај нас и во светот, во секоја урбана точка оттаму што се занимава со порокот на потрошувачката психологија која на моменти се издигнува на ниво на идеологија, истакна Бузалковска.

Главната улога во претставата ја толкува Рубенс Муратовски, кој за работата на овој текст рече дека за него претставува најнеобичниот процес што досега го работел.

– Исклучително тешко е да се навлезе во драматиката на авторката Мирчевска. Навлегувањето во тестот бара поинаков пристап, примањето на текстот за свој како дел од моја ДНК, одеше многу потешко, токму поради посебноста на авторскиот израз, рече Муратовски.

Тој додаде дека токму сложеноста на улогата, тежината на материјата, за него претставува дополнителна радост што ја носи работата на секоја нова улога оној, како што рече „најубав дел од животот на актерот, од првата проба до премиерата“.

„Ждрело“ е трагикомедија за алчноста на материјалистичко-лакомиот свет кој е присутен глобално. Главниот лик има необичен проблем – тој е постојано гладен и со ништо не може да ја задоволи својата глад. Голта се околу себе и во таа конзументска агонија, го „јаде“ дури и своето име. Јазикот е гротескен, ликовите се подложни на брзи пресврти, темите се безброј.

Текстот зборува и за тоа колку човештвото секојдневно, со сервирање на „животниот стил“, го доведува во прашање омиленото мото – помалку е повеќе.
Претставата ќе се игра на Големата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“, со почеток во стандардардниот термин од 21 часот.

Би можело да ве интересира

Изложба на кинеска калиграфија отворена во Велес

Во Прилеп завршува МТФ „Војдан Чернодрински“

Двоен „Златен був“ за „Прозаични стихови“ на Али Асгари и Алиреза Катами на 14. Филозофски филмски фестивал

Фестивалот „Преку езерото“ отвора Конкурс за дипломски краткометражен игран или документарен/експериментален филм

Во Кавадарци промовирана книгата „Татков праг“ од Данче Христова Младенова

Од 16 награди на светскиот фестивал во Јесоло -6 за Скопското училиште Кузман

Предраг Петровиќ