Претставата „Соседи“, во изведба на театарот „Континуо“, од Маловице, Чешка е добитникот на „Гранд при“ наградата за најдобра претстава во целина, на седмото издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“ 2014, посветен на независната професионална театарска продукција.
Жири комисијата во состав: Наташа Поплавска, режисер и претседател на комисијата, Снежана Коневска-Руси, актерка и режисерка и Иванка Апостолова, претседател на ИТИ Македонија, во образложението посочуваат дека претставата „Соседи“ ја добива оваа награда поради својата специфична театарска форма, тотален театар во која умешно се вплетени, поставени и одиграни различните форми на изведувачката уметност: драма, танц, музика, пеење.
Истовремено, актерскиот тим беспрекорно точно, со уиграна актерска игра и заедничка енергија ја пренесе силно пораката на претставата во која препознавме повеќе театарски жанрови од гротеска, преку комедија, до трагедија. Оваа претстава е вистински пример на квалитетна и посветена колективна игра помеѓу авторскиот и актерскиот тим, објаснува жири комисијата. Во согласност со начелата на фестивалот, кој промовира алтернативна и експериментална естетика, жири комисијата реши и наградата за најдобра режија да ја додели на режисерот Павел Штоурац за Чешката претстава „Соседи“, која ја плени и македонската публика.
– Режисерот Павел Штоурац преку неговата претстава, покажа дека е квалитетен мајстор во режијата, со чист режисерски пристап, особен печат на режисерски израз и концепт кој успешно допира до публиката, се вели во образложението на претставата. Наградата за најдобро актерско остварување, отиде во рацете на Васил Зафирчев, за уникатниот експресивен буто-танц, работен според книгата „Дневникот на хулиганот“, на Сашо Димовски.
– Актерот Васил Зафирчев остави особен печат во актерската игра, експериментирајќи и успешно донесувајќи го на сцена исклучително тешкиот театарски правец – буто танц – појаснува жири комисијата.
Во чест на наградените и гостите на фестивалот, организаторот Независната продукција „Театар 007“, ја изведе претставата „Ќелавата пејачка“, со што и официјално беше завршено седмото издание на ИТФ „Лица без маски“.