Македонскиот анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ неделава ќе има премиера на 15. Меѓународниот филмски фестивал Зума во Абуџа, Нигерија, како и на 5 .фестивал Анимапикс во Португалија.
Петнаесетто издание на Зума, во организација на Нигериската филмска корпорација, се одржува под мотото: „Раскажувањето приказни и глобалното влијание: Филмот како моќно средство за економски развој“. Тематскиот фокус ја нагласува стратешката улога на кинематографијата во обликување на перцепциите, влијание врз глобалните општествени разговори и поттикнување културна размена.
– Анимапикс има репутација на фестивал кој го слави „детето во секој од нас“, со фокус на креативност, визуелна уметност и експериментални форми. Освен проекции, на фестивалот се одржуваат изложби и промоции на илустрирани книги, стрипови и други форми на визуелната уметност, информира Гоце Цветановски, режисерот на „Јон Вардар против галаксијата“, првиот долгометражен македонски анимиран филм.
„Јон Вардар против галаксијата“ досега беше прикажан на над 40 меѓународни фестивали и освои пет награди. Сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.
