Премиера на „Драга Јелена Сергеевна“ во вторник во МНТ

Од:

Премиерната изведба на магистерската претстава „Драга Јелена Сергеевна“ од Људмила Разумовскаја, во режија на Шенај Мандак, ќе се изведе во вторник со почеток од 20 часот на Мала сцена во Македонски народен театар (МНТ). Станува збор за проект реализиран во рамки на соработката помеѓу МНТ и Факултетот за драмски уметности, согласно потпишаниот меморандум за соработка помеѓу двете институции, соопштија денеска од тимот на Мандак.

– „Драга Јелена Сергеевна“ е безвременска приказна што зборува за генерацискиот судир, ги поставува прашањата за моралниот судир, како на индивидуално, така и на колективно ниво. Во овој свет, младите доаѓаат со својата експлозивна енергија, со желба за иднина и со подготвеност да ги поместат сите граници што им стојат на патот. Од друга страна стои наставничката, Јелена Сергеевна, која е симбол на идеалите, на принципите, на верата дека човековата етика е нешто што не смее да се предаде. Конфликтот меѓу нив не е само генерациски. Тоа е конфронтација меѓу две визии за животот: светот на принципите и светот на компромисите, се појаснува во соопштението.

Се посочува дека претставата ги поставува прашањата за кои што одбиваме да зборуваме.

– Дали правилата постојат за да нè заштитат или за да нè ограничат? Кога моралот станува пречка, а кога единствена заштита од корумпираното секојдневие? И дали младите треба да подлегнат на наложениот систем на функционирање или треба да се борат против истиот?, се додава во соопштението.

Се додава дека „Драга Јелена Сергеевна“ не е претстава што нуди готови одговори.

– Таа нè тера да се соочиме со сопствените компромиси, со нашите двојни стандарди и со тивките оправдувања што секојдневно си ги кажуваме едни на други. Некои од нас ќе се препознаат во младешкиот жар, други во упорноста на наставничката, но, сите заедно ќе го почувствуваме истиот немир – што останува од човекот кога моралот ќе стане предмет на пазарење?, се истакнува во соопштението.

Би можело да ве интересира

МНТ со претставата „12“ на фестивалот „Охридско лето“

Претставата „12“ на МНТ најдобра на МТФ „Војдан Чернодрински“, публиката гласаше за „Слепци“ на Турскиот театар

Специјална Стериина награда за колектива актерска игра за ансамблот на претставата „Народен пратеник“

Премиера на претставата за деца „Жива досада“ во МНТ

Овации и долгостоечки аплауз за актерската елита од Македонија во Народно позориште, Сараево

МНТ со претставата „12“ гостува во Сараево

А1он