Кураторката Ивана Васева и визуелниот уметник Филип Јовановски ќе бидат дел од програмата на Шведската јавна уметничка агенција (Public Art Agency Sweden), која денеска ќе се одржи на Кралскиот институт на уметноста (Royal institute of Art) во Стокхолм, Шведска.
Васева и Јовановски ќе одржат предавање „Курирање како одговор на локален контекст“ и работилница „Уметноста и политиката на улицата“ во рамки на програмата „Надвор од галеријата, во други области“. Тие ќе ги претстават последните изданија на нивниот долгогодишен проект – АКТО фестивалот за современи уметности кои го курираа заедно и некои од нивните неодамнешни проекти, со што ќе го отворат прашањето што значи да се курира во контекстот на Македонија.
Фокусот на нивнотон предавање/работилница ќе биде минатогодишното, јубилејно 10. издание на АКТО фестивалот за современа уметност и 11. издание на АКТО, кое годинава се одржа под мотото „Pop Up“ или искрснување во четири градови низ Македонија: Битола, Скопје, Штип и Тетово.
Организаторот на настанот, Шведската јавна уметничка агенција е формирана во 1937 година како владина агенција во рамки на Министерството за култура. Во текот на 80-годишното постоење имала многу проекти – продуцирала трајни уметнички дела и уметнички колекции за јавни институции и била инстанца на релевантни уметнички коментари на развојот на шведското општество.