Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ објави повик за ученици од сите средни и основни училишта во земјава да се пријават за учество на осмото издание кое ќе се одржува онлајн од 25 до 30 септември. Темата на „Џифони Македонија 2020“ е „Земја“ (Earth) како дел од тригодишниот циклус посветен на животната средина (2018 – Вода, 2019 – Воздух) и се совпаѓа со 50-годишнината од основањето на матичниот фестивал – „Џифони Експириенс“ во Италија.
Повикот за учество е објавен на веб-страницата на „Џифони Македонија“ и на социјалните мрежи. Пријавувањето ќе биде отворено до пополнување на слободните места. Онлајн се достапни формуларите за пријави – во категоријата Јуниори (VI, VII, VIII и IX одделение) и во категориите Кадети и Сениори (I, II, III и IV година средно образование).
Најавена е богата фестивалска програма во која дел од проекциите ќе бидат организирани во соодветно адаптирани киносали на отворено, со ограничен број на седишта и во согласност со протоколите за безбедност.
– Најголемиот дел од активностите предвидени за младите учесници ќе бидат емитувани онлајн, со директно вклучување во дискусиите, работилниците и другите онлајн-настани. За таа цел ќе почне со работа новата младинска дигитална платформа, на која ќе се презентира богатата понуда на филмови и други содржините на годинашниот фестивал и ќе им се овозможи на учесниците директно да се вклучуваат во работилниците и другите онлајн-настани и да имаат интерактивни средби со гостите. По завршувањето на фестивалот, платформата ќе им биде наменета на младите, за објавување нивни творби од аудиовизуелните уметности, како и за други содржини наменети на младите љубители на филмот, соопштија организаторите.
Оваа година меѓународното жири ќе биде составено од над 300 ученици од основните и средните училишта во земјава и од десетина други држави, кои фестивалот ќе го следат онлајн, со директни вклучувања во дискусии, работилници, мастеркласови и други интересни содржини.
Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од Агенција за филм и Министерството за култура, Град Скопје и партнерот од Италија – „Џифони Експиериенс“. Дигиталната младинска платформа на која ќе се одржува онлајн-изданието на фестивалот е развиена со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.