Почнуваат 47. Мајски оперски вечери

Од:

Со Вердиевата опера „Аида“ вечер ќе биде отворен 47-от фестивал Мајски оперски вечери, на кој до 31 мај ќе бидат изведени шест оперски и една балетска претстава. Вечерите секоја година завршуваат со „Аида“, но овојпат и ќе почнат со оваа популарна опера на Верди, во продукција на театарот „Карло Феличе“ од Џенова.

Режијата и адаптацијата е на Дејан Прошев, кореограф е Луиза Балдинети, а асистент кореограф – Саша Евтимова. Насловниот лик во вечерашната изведба ќе го игра Благица Поп Томова, а на 31 мај – Русинката Олга Романко.

Новата постановка е модерна „Аида“, спој на визуелната иновација со традицијата, виртуелна сценографија која, како што најавија од Националната опера и балет, ќе ја одведе публиката во светот на древниот Египет.

Според уметничкиот директор на Операта, Бисера Чадловска, се работи за ново, футуристичко видување на „Аида“, во која ќе има 3Д-проекции. Таа ја видела премиерата во Џенова и во соработка со театарот „Карло Феличе“ целата продукција е донесена во Скопје.

Диригент на претставата е Енрико Довико, кој рече дека различно во однос на изведбата на матичната сцена во Џенова е тоа што оркестарот не е целосно на сцена, туку дел е во т.н. оркестарска школка. Италијанскиот диригент нагласи дека претставата е микс на традиционално и модерно и дека најголем предизвик е музиката да се координира со проекциите, односно тие да се приспособат на темпото.

Покрај Поп Томова, во главните улоги на „Аида“ вечер се и Амади Лага (Франција/Тунис), Ирена Кавкалевска, Борис Трајанов, Владимир Саздовски и Евгениј Станимиров од Бугарија.

Фестивалот за отворен ќе го прогласи вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. Во наредните 20-ина дена на програмата се уште две Вердиеви опери – „Риголето“ на 18 мај и „Травијата“ на 28 мај, како и оперите „Лучија од Ламермур“ на Доницети (15 мај) и „Боеми“ на Пучини (22 мај) и балетот „Лебедово езеро“ на Чајковски на 12 мај.

Во придружната офф-програма од 15 мај до крајот на фестивалот ќе биде поставена изложбата „Божествена симбиоза“ посветена на првенката на Операта Ана Липша-Тофовиќ (1926-2012), која е меѓу основоположниците на македонската оперска сцена, а била и дел од првата изведба на „Аида“ кај нас пред 65 години.

Во соработка со Амбасадата на Австрија, пак, на 20 мај на платото на Националната опера и балет со видео на отворено ќе биде прикажана „Ана Болена“ од Доницети во изведба на Виенската државна опера, по повод 150 години од нејзиното основање.

Би можело да ве интересира

Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на фестивалот „Мајски оперски вечери“

„Лучија од Ламермур“ од Гаетано во рамките на „Мајски оперски вечери“ на 18 мај

Ана Ололовска

Изведба на операта „Норма“ во рамките на 50. Мајски оперски вечери

Ана Ололовска

Мајските оперски вечери од 9 до 31 мај на јутјуб-каналот на НОБ

Ана Ололовска

„Аида“ ги затвора 47. Мајски оперски вечери

Ана Ололовска

„Травијата“ на Мајските оперски вечери

Ана Ололовска