Со концертот на Оркестарот на народни инструменти, Големиот народен оркестар и оркестарот „Чалгии“, сите при МРТ, заедно со солистите Анастасија Петреска, Владимир Попоски и Елена Ѓеорѓиева вечер почнува 9. издание на Културното лето на општина Кисела Вода „Три круши 2014“.
Во рамки на едномесечната програма се предвидени голем број концерти на еминентни музичари, театарски претстави и филмски проекции, настапи на културно-уметнички друштва…
И оваа година на локацијата Три круши главно ќе настапуваат македонските пејачи, актери, играорци, уметници бидејќи манифестацијата носи македонски предзнак и ги афирмира македонските вредности, традиции и култура.
Во рамки на културното лето ќе настапат Сузана Спасовска, „Академци“, квартетот „Македонска душа“ предводен од Зоран Џорлев, Ѓоко Танески, Миле Кузмановски, КУД „Китка“, ансамблот „Македонија“, „театарот Пампур“… Ќе се емитува филмот „Трето полувреме“. Настаните ќе се одржуваат во петоците и саботите, со почеток во 20 часот и 30 минути.
Театарската претстава „Не се клади на Енглези“, во која играат Сашко Коцев, Александар Микиќ и Оливер Митковски предвидена е за 20-ти јули.
За љубителите на спортот, општина Кисела Вода на 13 јули со почеток во 21 часот, организира заедничко следење на финалето на Светското фудбалско првенство во Бразил, преку голем видео бим.
Културното лето „Три круши 2014“ ќе трае до 26 јули.