Во Старата скопска чаршија од вечер до четврток ќе се одржува мултимедијалната и мултикултурна манифестација „Звуците на чаршијата“. Манифестацијата ќе почне во 20 часот со концерт на Туна во Куршумли ан. На програмата се уште два концерта, од 21 и од 22 часот.
Традиционалната манифестација годинава се одржува по 14-ти пат и има за цел да ја заживее Чаршијата преку концерти од сите жанрови, перформанси, фолклорни настапи, поезија, ликовна колонија и презентација на стари занаети. Таа придонесува кон континуираните активности на Град Скопје и Културно-информативниот центар – Скопје за ревитализација на Старата скопска чаршија.
Годинава ќе има ликовни колонии, театарски претстави, филмови, стенд ап комедија, литература, концерти од различен жанр на музика: народна, џез, рок, опера, забавна… на плоштадите, улиците на Старата скопска чаршијата, на Скопското кале, во Куршумли ан, Сули ан…
Во вторник, од 16 часот манифестацијата продолжува со настанот „Чаршиските улици“ во чии рамки концерт ќе одржат Сарана Адеми на флејта и Верица Шотаровска на пијано. Во 17 часот пред Џамијата на Мурат Паша предвиден е настап на Адил Алуш и „Јени Јол оркестар“. Во 19 часот на плоштадот Скендербег ќе биде одиграна театарската претстава „Не плаќам“, а од 20 часот на плоштадот Филип Втори ќе се одржи концерт под наслов „Есенски звуци, бојата на ѕвукот“. Во 22:30 часот на Скопското кале ќе бидат проектирани два краткометражни филма: „Земја“ во режија на Ибер Деари и „Балкон“ на Линдита Зеќирај.
На третиот фестивалски ден, на 16 септември, од 16 часот пред Муратпашината џамија ќе се изведува чалгиска музика, а од 17 часот на Скопското кале ќе се одржи арт-колонија. На истата локација од 17:30часот ќе настапи гудачкиот квартет „Стрип 4м“. Вечерта од 18 часот настапува џез квартетот „Вив арт“, а во 21:30 часот стендап комедија ќе има Артан Ибиши.
Последниот ден од манифестацијата – 17 септември е резервиран за настап на гудачкиот квартет „Вива стрингс“ (16 часот), театарската претстава „Другарство во време на мерки“ (18 часот, на плоштадот Скендербег) и претставата „Приказна за Моцарт“ на Здружението „Детски свет“ (18:30 часот). Вечерта од 20 часот во Сули ан настап ќе имаат трите тенори: Исмет Вејсели, Мустафа Имери и Влатко Груевски. Гостин на концертот е тенорот Шинаси Рамадан, во пијано придружба на Андреј Наунов.