Со доделување на наградата Гран При, голем огномет и прием во Детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“, синоќа во Битола почна 32 издание на Меѓународната ликовна манифестација „Мал битолски Монмартр“.
Годинава во Република Македонија пристигнаа деца и нивните ликовни педагози од Португалија, Кина, Украина, Србија, Турција, Русија, Романија, Словенија, Словачка и за прв пат од Египет, кои на отворената сцена во старата битолска чаршија им честитаа на учениците од основното училиште „Спишска Бела“ од Словачка на кои им беше врачено највисокото фестивалско признание, наградата „Гран При 2013“.
– Битола има перспективи да стане голем светски културен центар на детското ликовно творештво. Оваа галерија не е бижутерија, оваа галерија е цветна градина со цветови од сите страни на светот. Во наредните денови ќе бидат изработени најновите ликовни оригинали посветени на македонската архитектура, истакна Коста Хаџиантоновски, раководител на детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“-Битола.
На средбата со новинарите за своите првични импресии од престојот во Македонија и во Битола говореше Надиа Кандил, ликовен педагог од Египет која потврди дека со задоволство и пријатно изненадување ја прифатила поканата прв пат со свои ученици да учествува на „Мал битолски Монмартр“.
– Среќна сум во овој прекрасен град и убавата Македонија. Помислив дека сите луѓе во оваа држава се уметници бидејќи има прекрасна, импресивна природа. Во Битола пристигнав со четири ученици за натпреварот во конкуренција и верувам дека ќе понудиме добри творби, посочи Кандил.
Учесниците на меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ денес го одбележуваат патрониот празник на студиото, Денот на сесловенските просветители „Св.Кирил и Методиј“, а утре ќе престојуваат во Крушево и во демирхисарското село Бабино каде ќе ја посетат приватната библиотека на Стево Степановски во која се изложени над 15.000 книги.