Почна Интернационалниот филмски фестивал Астерфест во Струмица

Од:

Со доделување на наградите на овогодинешните лауреати и со проекции на четири кратки филмови „Касиписката невеста„, „Пелтек“, „Погребален тим 12“, „Приказна за мечето“, вечерва во Струмица почна 12-тото издание на Интернационалниот филмски фестивал Астерфест.

Пред свеченото отворање на фестивалот, германскиот сценарист, режисер и продуцент Вајт Хелмер кому ќе му беше врачена наградата „Астер“ за високи достигнувања во светскиот филм рече дека му е особено драго ова признание.

– Прекрасно е да се добие награда, тоа е признание за моето досегашно достигнување и придонес за филмот. Имам 48 години и мислам дека овие награди се даваат на повозрасни луѓе, па се надевам дека никој не очекува да ме натера да не правам филмови, зошто уште ќе имам уште многу нови. Од македонската продукција запознат сум филмовите на Милчо Манчевски, Лабина Митевска…, рече Хелмер.

Словенечкиот актер и сценарист Борис Каваца го доби Специјалното признание за високи достигнувања во филмската уметност.

-Колку ми значи наградата? Па многу ми значи. Првпат сум во Македонија ккао гостин. Тука доаѓав како актер. Уште пред четири години бевме во Скопје со Глембаеви. Никола Ристановски ми беше син, а јас бев Глембај. Пред неколку години работев со Ацо Поповски. Инаку секоја награда ми е драга. Што се однесува до македонската филмска продукција морам да кажам дека многу малку македонски, или српски, ниту хрватски филмови доаѓаат во Словенија и незнам зошто е тоа така, рече Каваца.

Селекторот на фестивалот Атанас Чуповски смета дека направил одлична селекција со оглед на тоа што на адреса на Астерфест пристигнале, како што вели, импресивни авторски дела. – Имаше импресивен број на квалитетни филмови, она што беше моја работа да го конципирам изборот за да има различи наратики, различни типови во сите селекции и програми го направив. Сметам дека успеав во тоа. Пресудно за селекција не беше само содржината, што зборуваат филмовите туку и како зборуваа, каков е нивниот филмски јазик, рече Чуповски.

Организаторот и идеен творец на фестивалот, Горан Тренчовски очекува негова понатамошна афирмација. -Годинава одиме под мотото „Мали приказни- голем ум“. Се надевам дека со годинешната програма ќе одговориме на сите вкусови и оти „Астерфест’ и понатаму ќе се искачува и ќе се афирмира како реномиран фестивал на краткиот филм, посочи Тренчовски.

Директорката на Агенцијата за филм, Мими Ѓоргоска Илиевска, нагласи дека „Астерфест“ е дел од заложбите за развој на филмската дејност во Македонија. – Имајќи предвид дека краткометражната филмска форма е уметнички исто толку вредна како и долгометражниот филм затоа многу се радувам што во Струмица по 12 пат се одржува овој Меѓународен фестивал на краткиот фгилм. Сето тоа покажува за нашите заложби, за нашите стратегии, јас зборувам од аспект на Агенцијата на филм, континуирано да се подржува развојот на филмската дејност, а со тоа и развојот на филмската култура, истовремено и свеста кај публиката за она што е вредно и значајно како уметност, посочи Илиевска.

Дванаесеттото издание на Астерфест го отвори градоначалникот на Струмица, Зоран Заев кој меѓудругото рече дека фестивалот го направи градот препознатлив во пошироки рамки. – Креативни продукти на филмските творци не преставнуваат да го пленат срцето на вљубениците на филмската уметност. Во локални рамки тој пат одеше од затемнетата сала и големото платно во кино Балкан, па денес до овој храм на филмот, нагласи Заев.

На фестивалот ќе бидат прикажани 21 кратки играни, документарни и анимирани филмови во главна конкуренција, 12 во ревијалната програма, као и четири долгометражни филмови од 17 држави од светот.

Во ревијалната ретроспективна програма ќе се прикажат филмови од македонски автори: „Девојката што паѓа“ на Владимир Лукаш, „Сам“ на Тања Симоновска, „Последни чекори“ на Стефан Сидовски, „Незрели цреши“ на Небојша Јовановиќ, „Карма“ на Владимир Митревски и „ШШШТ… запеј ми“ на Андреј Волкашин.

Програмата Мувиленд ќе биде посветена на современите кратки филмови од Израел, а селекторот Влатко Галевски ги одбра филмовите „Нешто многу мало“, „Мили Боже“ „Ниоша“, „Јалова“ и „Цреши“ за кои вели дека се дел од израелската моќна продукција на краток филм во која учествуваат не само студентите и нивните експерименти туку врвни и етаблирани израелски режисери.

Како куриозитет ќе биде прикажан филмот ЖЕД на Димитрие Османли, во реставрирана и дигитализирана верзија од Кинотеката на Македонија, стои во офоцијалната програма.

За лауреатите Хелмер и Каваца се предвидени традиционалните Астер портрети и Тивериополски беседи во манастирот во Велјуса. Во рамки на Фестивалот ќе биде одржана и мала работилница со Матеј и Русомир Богдановски на тема „Стрипот и филмот“.

Сите филмски проекции кои ќе траат до 31 мај се одржуваат во НУЦК „Антон Панов“, а фестивалот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија и од Општина Струмица.

Би можело да ве интересира

Доделени наградите на „Астерфест“

„Астерфест“ почнува утре со филмот „Телефонско дежурство“

Ана Ололовска

„Златна потковица“ на „Астерфест“ за македонскиот анимиран филм „Кружно патување на монахот“

Ана Ололовска

Во Струмица отворен Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“

Ана Ололовска

Во Струмица почнува Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“

Ана Ололовска

Наградата „Астер“ за Данчо Чеврески

Ана Ололовска