Во Музејот на современа уметност вечер од 21 часот ќе биде изведен перформансот „dragON aka PONY“ на Александар Ѓеоргиев, Жана Пенчева и Дарио Барето Дамас, познати како „Steam Room“, во рамки на осмиот фестивал „Викенд на гордоста Скопје 2020“.
Организаторите најавуваат дека „dragON aka PONY“ е кореографско дело во кое е претставено игралиште исполнето со голем број танцови референци од минатото и сегашноста, од Западна и Источна Европа, при што се создава простор на постојана транзиција, раслојување на интимноста и се експонира бедната коегзистенција. Перформансот е номиниран за наградата ИКАР 2020 на Сојузот на уметниците во Бугарија, во категоријата „Современ танц и перформанс“.
„Викендот на гордоста Скопје“ е фестивал за квир култура, уметност и теорија чија основна кураторска тема годинава е „Суров оптимизам“. Фестивалот е во организација на Коалицијата „Маргини“ и ЛГБТИ-Центарот за поддршка, во партнерство со Музејот на современа уметност. Перформансот на „Steam Room“ е организиран во партнерство со Кино Култура.