Филмови од годинашниот Фестивал на документарен филм „МакеДокс“ деновиве се прикажуваат во населени места во преспанскиот регион.
Патувачкото кино, кое почна на 8 август во Стење и продолжи во Царев Двор и Езерани, денеска ќе гостува во Ресен, задутре во Подмочани/ Грнчари, а до 18 август ќе биде и кај жителите на Сливница, Љубојно и Долно Дупени.
Организаторите на „МакеДокс“ се задоволни од проекциите во Преспа и од приемот кај месното население. Ги раскажуваат впечатоците од Стење, село на Преспанското Езеро на два километра од албанската граница, каде пред четири дена беше првата проекција од патувачкото кино.
– Жителите раскажуваат дека изборот на селаните да пазаруваат во Битола, а не во Корча, било одлучувачко ова село да припадне во Република Македонија. Селото има 438 жители и е дел од националниот парк „Галичица”. Таму жителите-рибари водат секојдневни битки за рибите со искусните корморани и пеликани. Крилата на филмското платно ги раширивме на стените во селото Стење по кои селото го добило своето име. Природната убавина на селото ја надополнивме со звуците на музичкиот документарец „Барајќи го Шугармен“. Како што се вели во филмот: „Дом е таму каде што се чувствуваш прифатен“. Па по проекцијата ние навистина се почуствувавме како дома, велат од екипата.
Статуетката „Кромид“ – награда за најдобар документарец од главната селекција на фестивалот „МакеДокс“, кој се одржа во јуни во Скопје, оваа година ја доби „Погрешно место, погрешно време“ на режисерот Џон Апел, кој раскажува за трагедијата во Утоја.
– Магарето на „МакеДокс“ натоварено со филмови, киноопрема и многу, многу кромид пристигна во Преспанско. За добредојде, жителите нè пречекаа со „преспански лигњи“ и салата од сечкан кромид. Откако се освеживме во Преспанското Езеро и физички се прочистивме, заминавме кон Сливничкиот манастир, посветен на Рождеството на Пресвета Богородица, кој во нас иницираше процес на духовно прочистување. Кога го прашавме келнерот во локалната кафеана што мисли за кромидот, тој нè испрати со зборовите: „Сигурно во ваша близина ќе нема вампири. Имате кромид, носите позитивна енергија!“, додаваат организаторите на патувачкото кино.
Во селекцијата за најдобар филм на нов автор, наградата „Млад кромид“ годинава му припадна на филмот „Зимски номади“ на Мануел вон Стурлер. Наградата „Кокарче“ за најдобар филм за деца и млади му беше доделена на филмот „Мал свет“ на шпанскиот режисер Марсел Барена. Наградата во категоријата филм со најдобри етички идеи, исто така, ја доби филмот на Џон Апел „Погрешно место, погрешно време“.