Отворена изложба на дела на познатиот охридски сликар Вангел Наумоски

Од:

Во Куќата на Уранија во Охрид синоќа беше отворена изложба на дела на познатиот охридски сликар Вангел Наумоски, поставена по повод 90 годишнината од неговото раѓање и 60 години од отворањето на неговата прва самостојна изложба.

За уметничкиот опус на Наумоски говореше академик Цветан Грозданов, кој истакна дека уште пред 30 години Наумоски влезе во сите светски енципклопедии, како еден од водечките наивни уметници во поранешна Југославија.

– Наумовски беше една сложена личност, човек кој промени многу занаети…Има изложувано во сите светски центри на ликовната уметност, меѓу кои познатата негова изложба во 1965 година во студио Барбута во Рим. Оттогаш наваму, преку Лондон и Париз, тој перманентно беше присутен и добиваше ласкави критики, истакна Грозданов.

За делата на Наумоски може да се каже дека се извонредно прифатени од стручната јавност, со многубројни критички осврти во кои се воспева неговиот опус. За најпозната се смета изјавата на големиот Салвадор Дали, кој на изложбата во студиото „Мона Лиза“ на која беа поставени уметнички дела на познати југословенски уметници, ја издвои сликата на Наумоски со зборови дека тоа е дело на најголемиот уметник после него.

Наумовски е роден во охридското село Скребатно во 1922 година. Се запишува во Средното уметничко училиште во Скопје, од каде во 1947 година е исклучен како „неталентиран“. Првата негова работа е цртач во Дуборезачката школа во Охрид, додека неговата прва изложба е во родниот град Охрид во 1954 година.

Неговите дела се наоѓаат во многу музеи во Македонија и низ светот. Првпат во странство Наумовски се претставил во 1961, додека во 1967 година станал член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, кое на изложба во 1969 година му ја додели наградата „Свадбен венец”. Истата година градот Охрид му ја додели наградата за сликарство „Седми ноември”, година која е забележана и по неговото целосно преминување во сликарството како слободна професија.

Во 1974, Наумовски е награден со „Гран при“ за сликарство од Колекцијата „Винстон” во Женева, ја добил наградата за сликарство „Нерешки мајстори” на ДЛУМ, а во 1979 година стана член на италијанската „Academia Italia de belle Arti e del Lavoro“, од каде што е номиниран и за академик. Во Италија е награден и со „Премио д’ Италиа 1980“.

На првото Биенале на југословенската самоука ликовна уметност во Светозарево во 1981 година добил откупна награда, а во истата година и награда за цртеж од Музејот на современата уметност во Скопје. Во 1984 година италијанскиот „Centro Studi e Ricerche delle Nazioni“ му ја додели наградата „Premio Mondale della Cultura” и „Statuata della Vittoria 1984″, а „Academia de Europa“ од Италија наградата „European Banner of arts” со златен медал.

Во 1982 година режисерот Александар Ѓурчинов сними филм за Наумоски, во кој е прикажан животот и творештвото на Наумоски. Почина на 13 јуни 2006 година во Охрид.

Би можело да ве интересира

Изложба на кинеска калиграфија отворена во Велес

Во Прилеп завршува МТФ „Војдан Чернодрински“

Двоен „Златен був“ за „Прозаични стихови“ на Али Асгари и Алиреза Катами на 14. Филозофски филмски фестивал

Фестивалот „Преку езерото“ отвора Конкурс за дипломски краткометражен игран или документарен/експериментален филм

Во Кавадарци промовирана книгата „Татков праг“ од Данче Христова Младенова

Од 16 награди на светскиот фестивал во Јесоло -6 за Скопското училиште Кузман

Предраг Петровиќ