Евроамбасадорот Самуел Жбогар и министерот за култура Хусни Исмаили денеска го отворија семинарот „Поддршка на Европската унија за културна соработка на Западен Балкан: Семинар за промоција и вмрежување“.
Организатори се Канцеларијата на Креативна Европа при Министерството за култура во соработка со Европската комисија, Делегацијата на Европската комисија во Скопје, Канцелариите на Креативна Европа и претставници на културниот сектор од релевантните држави од Западен Балкан.
Главниот фокус, како што информираат од Министерството за култура, е јавниот повик – проекти за културна соработка на Западен Балкан од Програмата „Креативна Европа“ со акцент на комплексните регионални и европски културни политики, како и градење на капацитетите.
Евроамабасдорот Жбогар потсети на главното мото на ЕУ „Обединети во различноста“ и рече дека размената меѓу културите во Европа не прават побогати. Токму оваа размена, како што рече, успева да ги преброди нашите различности во минатото и ни помага да преминеме преку предрасудите и стравот од непознатото.
Тој информира дека за овој повик на располагање се пет милиони евра за понуди за културни оператори од Западен Балкан.
– Овој повик поддржува помирување и добрососедски односи. Тоа е едно од шесте иницијативи, стратегии на ЕУ за 2018 година за регионов. Овие иницијативи предвидуваат зголемување на соработката во образованието, културата и спортот, засновани на поддршка која Европа им ја дава на постоечките културни оператори, рече Жбогар.
Министерот за култура Исмаили информира дека и покрај предизвиците со кои се соочува секторот култура во нашата држава повеќе од една деценија, вредни за пофалба, како што рече, се досегашните резултати од спроведувањето на програмата, особено оние во издавачкиот сектор, кои покажаа исклучителен успех и посветеност, не само на регионално, туку и на европско ниво.
– Владата и Министерството за култура остануваат посветени во спроведувањето на евроатлантската агенда. Ја користиме секоја можност да го дадеме својот придонес во градењето на добрососедските односи, профилирањето на регионалните иницијативи, а со цел зајакнување на културната соработка како услов за градење на конструктивна и синхронизирана европска културна соработка, нагласи Исмаили.
На отворањето на дводневниот семинар присуствуваа претставници на дипломатскиот кор, уметници, претставници од НВО секторот, гости од Западен Балкан.