Општина Струмица организираше прием за гостите на „Астерфест“

Од:

Денеска во салата на Советот на општина Струмица беше организиран прием за гостите на 11-то издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“. Меѓу нив беа и овогодинешните лауреати Боро Стјепановиќ и Киро Урдин. Од името на општина Струмица ги поздрави и им посака срдечно добредојде, секретарот Кирил Парталов.

– Имам чест да ве поздравам од името на градоначалникот на општина Струмица Зоран Заев, од името на вработените во општинската администрација и се разбира од мое лично име, и да ви посакам убав престој во нашиов град. Се надевам дека овогодинешното единаесетто издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ како од организационен аспект, така и по својата програмска содржина ги задоволува Вашите вкусови. Сакам на овогодинешните лауреати, Боро Стјепановиќ и Киро Урдин да им ги честитам наградите и да им посакам уште многу успеси.

– Квалитетното културно живеење во нашиов град е еден од неколкуте препознатливи белези на Струмица. Малку се градовите во Македонија кои можат да се пофалат со повеќе културни манифестации кои имаат меѓународен карактер и значење. Струмица, иако е мал град, има дури шест такви манифестации. Тука пред се треба да се спомене долговековниот Струмички карневал, еден од 20-те најдобри карневали во светот, Меѓународната струмичка ликовна колонија, која е најстарата колонија во континуитет во Македонија и една од најстарите на Балканот, потоа Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, единствениот македонски фестивал посветен на актерот, Меѓународниот фестивал на афоризам и карикатура, како и фестивалот „Струмица опен фестивал“ кој е убав спој на културата и забавата, вели Парталов.

asterfestGosti (2)

– Во таа меѓународна културна понуда на Струмица е секако и Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ кој по заслуга на Тивериополската Филмска алијанса и господинот Горан Тренчовски, еве по единаесетти пат се одржува во нашиов град. Сведоци сме дека од година во година, овој фестивал се повеќе расте и се наметнува како респектабилна филмска манифестација во меѓународни рамки. Верувам дека тој растеж ќе продолжи и во наредниот период, на задоволство на сите љубители на филмската уметност. Во тој поглед „Астерфест“ ќе ја има сесрдната финансиска и морална поддршка од општина Струмица, како што ја имаше и во овие 11 години. Ви благодарам што сте во нашиов град и што сте дел од „Астерфест“, рече Парталов.

Основачот и директорот на фестивалот, Горан Тренчовски, истакнувајќи го значењето на фестивалот, кој веќе ја почна втората деценија, им се заблагодари на градоначалникот Зоран Заев и Советот на општината за континуираната финансиска поддршка. Благодарност упати и до учесниците и гостите на фестивалот кои во пријатна и опуштена атмосфера разменуваа впечатоци и мислења за интернационалниот „Астерфест“.

 

Би можело да ве интересира

Доделени наградите на „Астерфест“

„Астерфест“ почнува утре со филмот „Телефонско дежурство“

Ана Ололовска

„Златна потковица“ на „Астерфест“ за македонскиот анимиран филм „Кружно патување на монахот“

Ана Ололовска

Во Струмица отворен Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“

Ана Ололовска

Во Струмица почнува Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“

Ана Ололовска

Наградата „Астер“ за Данчо Чеврески

Ана Ололовска