Петнаесетта по ред Регионална ревија на музика, песни и ора за Вардарскиот регион се одржа денеска во Кавадарци, во организација на Здружението на пензионери од овој град.
Претседателот на Извршниот одбор на Здружението на пензионери Ристо Анѓушев изјави дека се натпреваруваат околу 170 пензионери од Велес, Неготино, Кавадарци, Гевгелија, Богданци и Демир Капија, со по три настапи. Двајца селектори ќе го вршат изборот на најдобрите, кои потоа ќе учествуваат на републичката ревија.
– Најважно е лицата од третата доба да се дружат помеѓу себе. Да си го продолжат животот. Да имаат убава и релаксирана старост. Да не мислиме на други работи, туку само на тоа, овие денови што ни остануваат, да ги проживееме во добро расположение, нагласи Анѓушев.