„Охридско лето“ денеска го прославува 54-тиот роденден

Од:

Повеќе од пет децении фестивалот „Охридско лето“ се етаблира како еден од најреспектабилните фестивали во светски рамки и најреномираната музичко-сценска манифестација во земјата. Фестивалот „Охридско лето“ претставува најголемиот репрезент на културата на Република Македонија, а Охрид веќе 54 години е една од најпознатите европски музички сцени.

Селекторката на музичката програма Гордана Јосифова-Неделковска најавувајќи го вечерашниот концерт на денешната прес-конференција по повод 54-от роденден на „Охридско лето“ ја искористи можноста да се заблагодари на сите поединци и институции кои децении наназад го дале најдоброто од себе за фестивалот да го достигне ова ниво, но и задолжение за сите останати, актуелниот тим на „Охридско лето“, за фестивалот и натаму да чекори единствено по патот на успехот.

 

За денот на роденденот на „Охридско лето“, 4 август, веќе традиција е да се организираат концерти на познати имиња од музиката, со програма што ќе го слави секое ново фестивалско издание.

 

– Години наназад фестивалот организира настани што се паметат на само во меморијата на фестивалската публика, туку и се запишани длабоко во страниците на историјата на фестивалот. Тоа се концерти наменети за пошироката публика, а целта е единствена – што поголем број посетители да присуствуваат на овие настани и заеднички да се прославува секој нов роденден, истакна таа.

Оваа година „Охридско лето“ роденденот ќе го слави со спектакуларен концерт на српскиот виолинист Немања Радуловиќ, заедно со францускиот гудачки квинтет „Ѓаволски трилери“ и пијанистката Лор Фавр-Кан.

– Мошне ми е драго што повторно сум тука со вас, овојпат особено задоволство што ќе настапуваме на Античкиот театар. Вчерашната проба на сцената на Антички толку не инспирира што едвај чекаме да излеземе и да се претставиме. За овој специјален настан, за роденденот на фестивалот, се собравме да се претставиме со програма што неодамна го снимивме во Берлин и Париз за нашето следно це-де, така што ова ќе биде и своевидна промоција на тој материјал, истакна Радуловиќ.

 

Минатата година тој беше дел од програмата на „Охридско лето“, но за разлика од лани кога настапуваше со изведба на класични дела, за ова роденденско издание тој ќе настапува со посебна програма, со кратски, избрани композиции на „АББА“, Пуњани, Крајслер, Шопен, Масне, Берио, Вивалди, Бизе, Паганини, Шостакович, Хачатурјан, Вилијамс, Кустурица, Монти.

Радуловиќ и неговите колеги воодушевени од градот Охрид, не го криеја задоволството што се тука. Како што рекоа самите тие, ја искористиле можноста покрај нивниот настап на „Охридско лето“, да ги поведат со себе своите семејства и неколку дена да минат на брегот на Охридското Езеро.

– Првпат сум во Македонија, во Охрид, можам да кажам само дека сум воодушевена. Овде е толку убаво, градот е прекрасен, оваа земја е толку прекрасна, запознав многу луѓе, тие се толку топли, пријатни. Имав можност да се искапам во езертото, тоа е момент за паметење. Секако ќе дојдам повторно, изјави за МИА француската пијанистка Лор Фавр-Кан.

 

Немања Радуловиќ се вбројува меѓу највпечатливите уметници од младата генерација на денешната музичка сцена, одушевувајќи го аудиториумот со своите атрактивни настапи. Радуловиќ е добитник на престижните награди „Јоахим“ во Хановер, „Џорџе Енеску“, „Антонио Страдивари“, „Јехуди Мењухин“, „Вијенјавски-Липински“ во Полска. Тој беше прогласен за „Интернационално откритие на годината“ од „Виктуар де ла музик“ (Victoires de la Musique) – Европска асоцијација на уметници-менаџери (European Accociation of Artist Managers) и номиниран за „Рисинг Стар”.

Радуловиќ настапува во најпознатите светски сали: Концертгебау во Амстердам, Мегарон во Атина, Музичкиот центар во Париз (Cité de la Musique), „Пале де бозар“ (Palais des Beaux-Arts) во Брисел, Филхармонијата во Келн, „Карнеги хол“ во Њујорк, како и на бројни меѓународни фестивали. Тој свири со најдобрите светски оркестри: симфоничарите од Монтреал, Рио, Барселона, Нирнберг, филхармониските оркестри на Радио Франција, Рим, Штудгарт, Германската државна филхармонија, Кралската филхармонија – Лондон, Филхармонијата на Украина, Оркестарот на Романска Швајцарија и многу други.

Радуловиќ редовно настапува со Мариел Нордман, Сузан Маноф, Доминик Плансад, Лор Фавр-Кан, Ане Гастинел и со ансамблите „Д девлжс трилс“ (The Devil’s Trills) и „Дабл сенс“ (Double Sens). Неговите снимки се објавени од водечките издавачки куќи „ТрансАрт лајф“ (TransArt Live) и АртАкт–Декка/ Јуниврзал (ArtAct-Decca/Universal), а неговиот солистички компакт-диск е награден со „Дијапазон декуверт“ (Diapason Découverte“). Прогласен е за Почесен доктор на Универзитетот во Ниш, Србија, а за 2013/2014 е прогласен за најдобар уметник на „Виктуар де ла музик“ (Victoires de la Musique) (MIDEM Prize).

 

Групата „Д девлжс трилс“ (The Devil’s Trills – „Ѓаволските трилери“) беше создадена со цел да се преразгледа репертоарот за соло-виолина и тој да биде донесен до пошироката публика. Групата ја сочинуваат гудачки квинтет и светски познатиот виолинист Немања Радуловиќ, а нивниот репертоар претставува една разновидна музичка палета – од Бах и Моцарт, преку романтичарите Чајковски, Бизе и други, сè до современата уметничка и филмска музика.

Групата редовно настапува на најпрестижните светски фестивали. Покрај најпосакуваните светски концертни сали (Токиската опера, Шангајската концертна сала, театарот „Шатле“ – Париз, Коларац – Белград и други), тие со задоволство свират во џез-клубови и на други алтернативни сцени. Нивните три компакт-дискови за Јуниврзал (Universal) (DECCA, Deutsche Grammophon – Дојче грамофон) беа со воодушевување примени од музичката критика. Групата веќе неколку години соработува со српскиот композитор Александар Седлар.

Лор Фавр-Кан по завршувањето на студиите по пијано на конзерваториумите во Авињон и Париз, постигнува значајни успеси на меѓународните натпревари и издава бројни компакт-дискови со разновиден репертоар. Во нејзината биографија бројни се рециталите и настапите со оркестрите од европските и азиските земји, како и соработката со водечки солисти, особено со Немања Радуловиќ. Во 2014 Лор Фавр-Кан го продуцира својот прв спектакл посветен на Шопен, заедно со гласот на францускиот актер Шарл Берлинг.

Концерот ќе се одржи на голмата сцена на Античкиот театар, со почеток од 21 часот.

Инаку, првиот официјален фестивалски настан на „Охридско лето“ беше концертот на оперската пејачка Ана Липша Тофовиќ на 4 август 1961 година. Од тогаш наваму фестивалот се одржува секоја година, со почеток од 12 јули. Од 1994 година „Охридско лето“ е редовен член на Европската асоцијација на фестивалите.

Би можело да ве интересира

Изложба на кинеска калиграфија отворена во Велес

Во Прилеп завршува МТФ „Војдан Чернодрински“

Двоен „Златен був“ за „Прозаични стихови“ на Али Асгари и Алиреза Катами на 14. Филозофски филмски фестивал

Фестивалот „Преку езерото“ отвора Конкурс за дипломски краткометражен игран или документарен/експериментален филм

Во Кавадарци промовирана книгата „Татков праг“ од Данче Христова Младенова

Од 16 награди на светскиот фестивал во Јесоло -6 за Скопското училиште Кузман

Предраг Петровиќ