На програмата на „Охридско лето“ вечерва интересно музичко доживување со настапот на „Зи-зи“ квартетот составен од италијанскиот хармоникаш Симон Занчини, хрватскиот гитарист Ратко Зјача, американецот Адам Нусбаум како ритам секција и нашиот Мартин Ѓаконовски на контрабас.
Впечатливите иницијали на бендот „Зи зи“ потекнуваат од презимињата на иницијаторите на групата Зјача и Занчини. По сензационалниот деби-албум „The Way We Talk“ (In + Out Records), тие започнаа да свират заедно со Ѓаконовски и Нусбаум, со што пишуваат ново подглавје во историјата на џез-музиката.
Занчини за членовите на групата вели дека она што со сигурност го поседуваат се европејските корени, многу класични влијанија, фолкор, авангарда, импровизација, а понекогаш и фјужн.
Гитаристот Зјача е од Хрватска, но Холандија му постана дом во изминативе 23 години; хармонистот Занчини е од Италија; басистот Мартин Ѓаконовски е од Македонија, но 25 години живее во Бергиш Гладбах, во близината на Келн; а авторитетот на тапани, Адам Нусбаум е од Њујорк.
Меѓународната борбена единица на естетски можности е во потрага по вистината надвор од општо-прифатените линии на ограничување. Тие музицираат со комбинации на најразлични стилови.
– Сè што слушаме оди во она што го правиме. Страста кон филмската музика, како и тајната љубов кон рокот, восхитувањето од класичната музика, копнеењето по фолк и, секако, вжарената желба за џез и неговите можности на импровизација…, вели Зјача за нивната музика.
Концертот ќе се одржи на сцената на Предворјето на „Света Софија“, со почеток од 21 часот. На програмата се авторски дела на Зјача и Занчини.