Наградуваната претстава „Женидба“ од Гогољ во изведба на рускиот театар „У-моста“ утревечер на „Охридско лето“

Од:

Драмскиот дел од програмата на годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува утревечер, со изведбата на претставата „Женидба“ на Николај Василевич Гогољ, во режија на Сергеј Федотов, а во изведба на Театарот „У-моста“ од рускиот град Перм.

На денешната прес-конференција по повод гостувањето на театарот од Русија беше истакнато дека се работи за поставка што години наназад е не репертоарот на куќата, наградувана претстава, високоуметничка поставка за која секогаш се бара билет повеќе, за секоја нејзина изведба.

Директорот на театарот Сергеј Федотов рече дека тоа е мистичен театар, за кој критиката се изјаснила дека според приодот кон делата што се играат е единствен театар од тој вид во светот.

– Дека мистиката е тука потврда е што пред само три дена настапувавме во Иркутск, на брегот на Бајкалското Езеро, за сега да сме тука, повторно на едно прекрасно езеро, за кое самите актери велат дека е поубаво од Бајкалот, изјави Федотов.

Тој забележа дека настапот на „Охридско лето“ е совршениот завршеток на нивната годишна турнеја во чии рамки настапуваа на фестивали во Калининград, Витебск, две изведби во Литванија и во Иркутск, Русија.
За самата претстава „Женидба“ Федотов рече дека во процесот на поставувањето дошле до сознание дека во претставата постои ѓавол, за сепак на крајот да победи човекот.

– Претставата е топла, свртена кон човекот. Поинаквиот пристап кон поставката ни дозволува од претставата да создадеме комедија, за која публиката и критиката оценува дека се работи за сосема невообичаен израз, нешто невидено, истакна Федотов кој е и режисер на „Женидба“.

Главниот актер во претставата, Ирина Молианова, рече дека ова и е најомилена претстава, а улогата што ја толкува ја поситоветува како духовно прочистување.

– Тука целосно се предавам во улогата, два часа духовно прочистување, што ги користам за целосно да му се предадам на Бога, изјави таа.

Инаку, за популарноста на „Женидба“ беше истакнато дека независно што повеќе од 20 години е на програмата на „У-моста“, секоја нејзина изведба е целосно распродадена, понекогаш изведувана во Перм и по четири пати дневно.

„Женидба“ ќе се игра утревечер на прекрасната сцена во Предворјето на црквата „Св. Софија“ со почеток во стандардниот термин од 21 часот.

Би можело да ве интересира

Премиера на претставата „Океанија“ покрај струшкото крајбрежје

Во Прилеп завршува МТФ „Војдан Чернодрински“

Награди за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“: Театарот е вечна промена

Културен перформанс „Простор за разговор“ во Битола

61. Драмски аматерски фестивал на Македонија ќе се одржи од 20 до 26 мај во Кочани

Почина актерот Мустафа Јашар