Националниот театар од Мексико го отвора „Битола Шекспир фестивал“

Од:

Националниот театар од Мексико ќе го отвори второто издание на меѓународниот „Битола Шекспир фестивал“ вечер на сцената на Народниот театар-Битола.

Актерите од Мексико Сити ќе ја изведат претставата „Хенри Четврти“ од Вилијам Шекспир во режија на Хуго Аревиљага Серано, кој по доаѓањето во Битола изјави дека нивната театарска претстава досега се одиграла два пати, еднаш во Лондон на фестивалот „Глоб ту Глоб“ и еднаш на плоштадот во нивниот главен град.

– Претставата наиде на огромен прием кај мeксиканската публика, а на плоштадот, на отворено имаше околу 2.000 посетители. За мене тоа беше големо докажување и задоволство да се работи со националниот театар, со актери кои имаат големо искуство и кои со нетрпение вечер во Битола уште еднаш ќе го претстават овој наднационален театарски проект, посочи режисерот Хуго Аревиљага Серано.

Главната улога, ликот на Кралот Хенри Четврти ја игра актерот Марко Антони Гарсија кој вели дека иако првпат доаѓа во Македонија сепак веќе е информиран за државава по остварените контакти со битолските актери на фестивалот во Лондон.

– Често ја прелистувам фотомонографијата што ја добивме од шекспировиот фестивал во Лондон, а во која се поместени фотографиите на нашиот и театарите од Јужна Африка, Кореја, Македонија и од други држави. Во таа фотомонографија се покажува дека театарот и Шекспир се занимаваат со човештвото, за тоа што било некогаш и тоа што денес може да се извлече како поука од делата на Шекспир, рече мексиканскиот актер Марко Антони Гарсија.

Од вечер до 26 јули на сцената на Народен театар-Битола ќе настапат Националниот театар од Истанбул-Турција, Националниот театар од Тирана-Албанија, Театар Поколенија од Санкт Петерсбург-Русија и македонските ансамбли Театар Комедија од Скопје со „Многу врева за ништо“ во режија на Дејан Пројковски, Велешкиот театар ќе ја изведе „Крал Лир“ во режија на Ѕвездана Ангеловска, Битолскиот театар претставата „Отело“ во режија на Диего де Бреа, а Прилепскиот театар „Сон на летната ноќ“ во режија на Нела Витошевиќ.

„Битола Шекспир фестивал“ се одржува и организира под покровителство на македонското Министерство за култура и со поддршка на локалната самоуправа.

Би можело да ве интересира

„Ние, луѓето“-премиера

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

„Боинг Боинг“ го затвори годинашното издание на Меѓународниот театарски фестивал во Крива Паланка

Битолскиот театар со „Хамлет-денот на убиствата“ на фестивал во Полска

Премиера на комедијата „Жени во црвено“ во Македонија