Музика од Колумбија, Сенегал и Мароко вечер на ОФФест

Од:

На ОФФест вечер во МОБ ќе настапат експлозивните Ондатропика и моќната, хипнотичка мароканско-сенегалска комбинација Азиз Самауи и University of Gnawa.

Азиз Самауи е музичар и вокалист познат по својата работа со легендарниот бенд Orcherstre National de Barbes, како и по соработката со џез-фјужн легендата Џо Завинул. Роден во Маракеш, Самауи почнал да се занимава со музика уште од седумгодишна возраст. Својот прв професионален бенд го формирал на 14 години. „University of Gnawa“ е неговиот прв соло албум со кој стекна пофалби и признанија од критиката. Поимот Гнања се однесува на традиционалниот транс и исцелителската музика од граничниот регион помеѓу Мароко и Алжир, но неговите корени може да се најдат и во Сенегал, Гамбија и Мали.

Самауи настапува со бенд од Сенегал, а проектот „University of Gnawa” е синтеза на звуците од Мароко и Сенегал. Музиката базира на мароконскиот инструмент гимбри, како и врз сенегамбискиот нгони, но исто така и врз обилното присуство на електрична гитара, клавијатури и перкусии. Музичките расположенија се менуваат како вртењето на еден Суфи дервиш, преминувајќи од тивки тонови, до енергични, трескавични, хипнотички танци.

Зад Ондатропика, колумбискиот одговор на Buena Vista Social Club, се музичарот Марио Галеано и британскиот продуцент Вил Холанд. Бендот е формиран и ги бележи своите први настапи за време на Летните олимписки игри во Лондон. Обединува тим ѕвезди на класичниот и модерниот стил на колумбиската музика. Идејата е повторно да оживее традиционалниот звук со промоција на најдобрите музичари кои имале клучна улога во историјата на колумбиската музика. Првиот албум на Ондатропика е снимен во познатите студија Discos Fuentes во Меделин, за три недели, во јануари 2012 година, во продукција на популарната етикета Soundway Records. Опфаќа безвременски теми чии корени се во шеесеттите и седумдесеттите години, но и во прогресивните, модерни композиции на 21-от век.

Фестивалот се затвора утре со Кимо Похјонен од Финска, познат по својата денс, театарска и авангардна музика, по бескомпромисната моќ и оригиналност. Публиката ќе има можност да го види и ансамблот Тори од Кореја чии ченови, комбинираќи традиционални песни и импровизации, создаваат старо-нова музика од далечните предели.

Концертите и звукот на Похјонен се сметаат за револуционерни. Од 1996 година овој исклучителен музичар се фокусира на својот соло проект со екстремни и оригинални композиции, миди-електрична хармоника изработена по негова мерка, семплови во живо и ефекти, динамична сценска изведба, специјално осветлување и „сраунд“. Дизајнот на светлото и звукот се клучни елементи во неговиот перформанс. Похјонен за првиот соло албум „Киело” во 1999 година доби брилијантни критики. Оваа година се очекува да излезе неговиот нов соло албум.

Тори од Кореја се занимава со различните начини на интерпретирање традиционална музика. Во превод тоа значи и името на нивниот состав. Групата постојано трага по нови модели на третирање на ваквите „тори“ и нивно комбинирање со западните музички дијалекти. Во Кореја и надвор од нејзините граници настапува под името Tori Ensemble како група од четворица корејски традиционални музичари, но и под името Tori Project, со тројца американски фри-џез артисти Ned Rothenberg, Erik Friedlander и Satoshi Takaeishi.

Синоќа во киното Фросина концерт одржа словенечкиот состав „Брина“, во неделата се претставија турското Таксим трио и проектот „Биоскопиа“ на Елена Христова и Горан Трајкоски. ОФФЕст почна на 1 јуни со индиската ситаристка Анушка Шанкар.

Би можело да ве интересира

Четврта завршна вечер на OFFest 2023

Ана Ололовска

Почнува 22. издание на ОФФ-Фест

Ана Ололовска

Во продажба билетите за 22 ОФФ-Фест

Ана Ололовска

„Скопски џез фестивал“: Го откажуваме 22. издание на „OFFest“

Ана Ололовска

Последна вечер на 21. OFFest

Ана Ололовска

Македонска вечер за почеток на Offest

Ана Ололовска