Музика од Етиопија и „Фолтин“ на ОФФест

Од:

Маестралниот Мулату Астатке, „таткото на етио-џезот“, настапува вечер на ОФФест во Универзална сала. Музичар и аранжер школуван во Лондон, Њујорк и Бостон, Астатке свири вибрафон, конги, клавијатури, органа,…, комбинира џез и латино со традиционална етиопска музика.

Тој е првиот африкански музичар примен на престижниот музички колеџ Беркли кој во 2012 година му ја дава и почесната титула Доктор по музика. Соработувал со многу истакнати уметници, бил аранжер и гостин на албумите на Махмуд Ахмед, како и специјален гостин на турнејата на Дјук Елингтон во Етиопија во 1973 година. Доживува поширока слава меѓу западната публика во 2005 година, кога се појавува како автор на седум композиции од саундтракот за филмот „Скршени цветови“ на Џим Џармуш. Повеќе хип-хоп артисти користат семплови од композициите на Астатке.

Пред Астатке публиката ќе може да ужива во најновиот проект на битолскиот состав „Фолтин“ и неговите специјални гости Васко Атанасовски и Марјан Станич од Словенија и Наталио Суед од Холандија. Заедничката изведба произлезе од соработката на три интернационални фестивали.

Со 19-годишна историја и седум албуми на неконвенционална музика, „Фолтин“ се сметаат за една од најголемите македонски музички атракции.

ОФФест продолжува во вторник, на 3 јуни, со „бунтовниот генерал“ Јупитер Боконџи, симболот на музичката сцена на Конго, на 4 јуни се јужнокореанките „Геомунго фактори“ и словенечкиот кантавтор Зоран Предин, а следниот ден, на завршната, последна вечер се „Лас Мигас“ од Шпанија и португалката Кармињо.

Фестивалот се одржува на повеќе локации – Универзална сала, МОБ, Кино Фросина и клубот Станица 26. Почна во петокот со настап на унгарскиот композитор, импровизатор и виртуоз на виолина Феликс Лајко. Претходно беше прикажан документарниот филм „Јупитерс денс“, приказна за животот на музичарите во Конго раскажана преку патување низ гетата на Киншаса.

Би можело да ве интересира

Четврта завршна вечер на OFFest 2023

Ана Ололовска

Почнува 22. издание на ОФФ-Фест

Ана Ололовска

Во продажба билетите за 22 ОФФ-Фест

Ана Ололовска

„Скопски џез фестивал“: Го откажуваме 22. издание на „OFFest“

Ана Ололовска

Последна вечер на 21. OFFest

Ана Ололовска

Македонска вечер за почеток на Offest

Ана Ололовска